Протест на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани: Ако убиените деца беа ваши, дали ќе прикривавте луѓе ко се соучесници?
Дождот не беше пречка за семејстата на настраданите во трагедијата во Кочани да излезат на протест. На денешниот протест „Задоцнета реакција“ присуствуваа семејствата, блиските, пријателите, роднините на 62 загинати и околу 200 повредени во пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ на 16 март.
Со фотографии од починатите деца, тие ја прозваа совеста кај надлежните и го вперија прстот во МВР.
„Сите вие кои сте одговорни за системот во државата, кои мудро ја одбегнувате одговорноста за најголемата трагедија од европски рамки што се случи во Кочани, ние родителите на починатите деца би сакале барем за миг да бидете во нашата кожа, да може да ја почувствувате раскинувачката болка која ние ја чувствуваме, можеби тогаш ќе ја почувствувавте сериозноста и болната ситуација во која се наоѓаме. Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници на монструмот ако убиените деца беа ваши деца? Правда мора да има и сите соучесници на монструмот мора да одговараат пред законот“, рече една од мајките и рече кажа нема да престанат во барање на правдата.
„Се прашуваме, ако вие не сте надлежни за нашата безбедност, тогаш кој е? Имате ли доблест да ја признаете вината за таа кобна ноќ, или тоа не ве учеле кога си ги купувавте дипломите? Секоја сабота нашиот марш е уредно пријавен во полиција, болница, пожарна. Дали концертот на ‘ДНК’, монструмот го пријавил таа кобна ноќ кај надлежните? Дали таа вечер вие, полицијата требаше да бидете таму? Ништо тие деца не прогрешиле што отишле на концертот, но не знаеле како функционираат работите во т.н. дискотека – шталата на смртта. Отпосле дознаваме дека таа била дувло за многу нелегални работи. Дали се правевте слепи и заради нечии профити дозволивте цената да ја платат нашите невини, кутри деца, со нивниот прерано одземен живот? Зошто не ја контролиравте работа на монструмот и имало трипати повеќе присутни од капацитетот. Бараме од вас, МВР, одговорност за прерано згаснатите животи на нашите деца. Ставете се 5 минути во нашата кожа. Можеби други ве аменстирале, ама ние не“, кажа мајката на починатиот моторист Павел Христов од Кочани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа