Противпожарна вежба во УСЈЕ – заедничка активност со Центарот за управување со кризи и другите надлежни институции

 


Безбедноста и здравјето при работа е врвен приоритет во Титан УСЈЕ, заради што во континуитет се работи на унапредување на стандардите. Во таа насока во компанијата се одржа противпожарна вежба, во која, покрај тимовите од Титан УСЈЕ учествуваа и претставници на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје.

 

Показната вежба се изведе во кругот на компанијата, каде беше симулиран пожар во една од мелниците. За време на вежбата, фокус беше ставен на реакцијата на вработените како одговор на инцидентот, внатрешната координација и комуникација, како и на значењето на раното предупредување и раната дојава, известување и тревожење. Во рамките на вежбата беше изведен и процес на евакуација на вработените со електронска проверка по собирни места и комуникација и координација со надлежните институции.

„Безбедноста и здравјето при работа е најважниот аспект од работењето на секоја компанија, бидејќи луѓето се најважниот капитал, а нивното здравје и добросостојба немаат цена. За да се постигне високо ниво на здравје и добросостојба на вработените, важно е постојано да се работи на подобрување на стандардите, но и да се интензивира соработката со надлежните институции. На тој начин, освен размена на искуства, се унапредува заедничката акција што е во интерес и на пошироката заедница“, истакна Валерија Миланова, менаџер за безбедност и здравје при работа во Титан УСЈЕ.

Титан УСЈЕ во своето работење применува високи стандарди за безбедност и здравје при работа за вработените и соработниците. Како членка на групацијата Титан, компанијата во целост ја применува Политиката за безбедност и здравје при работа. Во текот на целата година се реализираат низа активности, а компанијата организира и едукација за вработените и соработниците.

16.12.2024 - 16:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега