Рокас: ЕУ како партнер на Македонија е тука со поддршка и помош од првиот миг на трагедијата

 


Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска изјави дека ЕУ како партнер на Северна Македонија е тука со поддршка и помош од првиот миг на трагедијата што се случи во Кочани, во која животот го изгубија 59 лица, а 155 се повредени.

-Сакам да го изразам моето сочувство до сите луѓе на оваа прекрасна нација што тагува во овој момент. Ние ја извршуваме нашата должност за помош како ваши партнери и тука сме од првиот миг. Го активиравме Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и задоволен сум што гледам дека многу земји-членки веднаш понудија помош и ќе продолжиме да го правиме тоа, рече Рокас, откако се потпиша во Книгата на жалост што беше денеска отворена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Евроамбасадорот додаде дека тука се работи за солидарност и треба да се поддржуваме меѓусебе во вакви тешки мигови. 

Шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон Џаин истакна дека е важно да се биде тука денеска и да се покаже поддршка за Северна Македонија во овие претешки времиња.

Амбасадорката на Шведска исто така се потпиша во книгата на жалост во македонското МНР.

-Нашите срца се скршени за многуте млади животи коишто беа изгубени, како и за повредените. Северна Македонија упати барање за помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и тој беше активиран вчера и веќе работиме во ЕУ да пронајдеме начини за поддршка. Шведските власти веќе се дел од оваа помош и изнаоѓаме начини за да го пружиме најдобриот начин на поддршка во овие времиња. Ова е израз да се покаже пријателството меѓу Северна Македонија и Шведска, како и другите европски земји, рече Ларсон Џаин.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска соопшти дека 51 лице од повредените во пожарот во Кочани се испратени на лекување во странство, преку кризниот штаб кој во изминатите 24 часа го кординираше процесот. Дополнително уште дваесетина ќе бидат транспортирани во болници во Австрија, Словенија, Хрватска, Норвешка и во Унгарија. 

17.03.2025 - 15:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега