Син на министер и неговата сопруга Александра загинаа при уривање на покривот на ноќниот клуб „Џет Сет“

 


Музичари, професионални спортисти, менаџери и политичари се забавувале во познатиот ноќен клуб – богатите и славните биле во „Џет сет“ во Доминиканската Република кога во вторникот вечерта се урна покривот. Бројот на загинати сега се искачи на 184, соопштија властите.

Меѓу жртвите се и Едуардо Гуварионекс Естрела Круз, син на министерот за јавни работи и комуникации Едуардо Естрела и неговата сопруга Александра Грулон, која е и сестра на познат менаџер на фондови, пренесува медиумот Диарио Либре.

Едуардо и Александра се венчаа во јуни 2024 година, а на венчавката присуствуваше и претседателот на Републиката Луис Абинадер.

Тие биле со пријатели кобната ноќ, кога се случила катастрофата.

Во урнатините загинаа и поранешните бејзбол играчи Октавио Дотел и Тони Бланко. И двајцата играа во американската безбол лига (MLB).

Енди Бајахибе 30 години живее во Доминиканската Република со семејството. Таму работи како водич и нуди тури на германски. Тешко го погоди веста за трагедијата во дискотеката.

„Сите познаваат некој кој е погоден од катастрофата“, изјави тој за Билд.

„Колку што знам, тој ден имаше роденденска забава на висок банкар од Банко Популар. Затоа имаше толку многу познати личности и политичари“, рече Бајахибе.

Претседателот Луис Абинадер прогласи тридневна жалост. Потрагата по дополнителни потенцијални жртви на местото на трагедијата продолжи и во средата.

Меѓу жртвите имало истакнати јавни личности, меѓу кои и пејачот Рубио Перез, саксофонистот Луис Солис, како и неколку владини претставници и странски државјани.

Загина и гувернерката на провинцијата Монтекристо и сестра на познатиот бејзбол играч Нелсон Круз, Нелси Круз.

Причината за уривањето на покривот се уште не е позната.

10.04.2025 - 11:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега