Скопје ќе остане без вода: Ќе се затвори главниот цевковод на 21 декември
На 21 декември, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ќе го затвори главниот градски цевковод во кругот на касарната во Ѓорче Петров поради санација на сериозни дефекти. Процесот на санација ќе опфати поправка на еден од поголемите дефекти на улицата Никола Парапунов во Карпош 4, каде веќе десетина дена има излевање на вода на улицата.
„Додатно ќе се санираат и три други дефекти на затворачи по должината на главниот цевковод Ф1600мм, од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со улица Никола Парапунов“, соопштија од „Водовод и канализација“.
Цевководот ќе биде затворен за време на интервенцијата, а завршувањето на работите ќе биде соопштено по успешната санација.
„Овој вид на затворање на главниот цевковод не се случува често. Последен пат се изврши вакво затворање во 1991/1992 година. Интервенцијата е неопходна за отстранување на дефекти од овој тип“, велат од „Водовод и канализација“.
Со завршување на санацијата, ќе се подобри водоснабдувањето и ќе се намали загубата на вода, како и ќе се ревитализира водоводниот систем од Ѓорче Петров до Карпош.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа