Србија бара од ЕУ и УНДП да не се реконструра куќата на нацистичкиот соработник Џафер Дева во Косовска Митровица
Српската вицепремиерка и министер за култура, Маја Гојковиќ, побара од ЕУ и УНДП да не се реализира реконструкцијата на куќата на Џафер Ибрахим Дева во Косовска Митровица, јави дописникот на МИА од Белград.
Гојковиќ испрати писма до комесарката на ЕУ за иновации, истражување, култура, образование и млади, Марија Габриел и до извршниот директор на Програмата за развој на Обединетите нации, Аким Штајнер.
„Со оглед на важноста на спротивставувањето и спречувањето на подемот на екстремизмот и ревизионизмот кои поттикнуваат едностраност и насилство, дозволете ми да ја споделам со вас мојата загриженост за реконструкцијата на куќата на Џафер Ибрахим Дева и идејата во неа да биде сместен регионален културен центар", напиша Гојковиќ, соопштија од ресорното министерство.
-Тој е озлогласен соработник на нацистите, кој бил активен во формирањето на СС дивизијата Скендер-бег, позната по подготовка и извршување на злосторства против Србите и Евреите, градоначалникот на Митровица за време на Втората светска војна и албански министер за внатрешни работи за време на Втората светска војна, кого Адолф Хитлер го има одликувано во 1944 година, наведе Маја Гојковиќ во писмото.
Таа истакна дека од тие причини била изненадена кога ја добила веста дека оваа активност се спроведува во рамки на проектот на ЕУ за „Културното наследство како двигател на дијалогот меѓу заедниците и социјалната кохезија која придонесува за стабилност и мир", со поддршка на УНДП.
Гојковиќ истакна дека проектот е причина за длабока вознемиреност за припадниците на српскиот и еврејскиот народ и за целата јавност во регионот и дека грубо го загрозува не само достоинството на жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна и негувањето на културата на сеќавањето, но и напорите што се прават за воспоставување на дијалог.
Министерката за култура и информации посочи дека наводниот интерес за архитектонско значење на овој објект, како и идејата да се користи како културен центар со цел поврзување на локалните заедници и промовирање на толеранција, мултикултурализам и поврзување на локалните заедници, изгледа во најмала рака цинично.
-Сакам да го споделам со вас моето верување дека агенциите на ОН и ЕУ, во согласност со мандатот и вредностите што ги поддржуваат, не можат да бидат дел од такви проекти. Според тоа, го повторуваме нашето барање спорниот проект да не се спроведува, кажа Гојковиќ.
Директорот на израелскиот центар „Симон Визентал", д-р Ефраим Зуроф, претходно изјави дека иницијативата за оддавање почит на Џафер Дева, лојален соработник на нацистите, е исмејување на жртвите на нацистите и нивните локални соработници.
Германскиот амбасадор во Приштина Јерн Роде изјави дека е многу загрижен поради плановите за обнова на куќата на Џафер Дева во Јужна Митровица.
ЕУ и УНДП, заедно со косовското Министерство за култура, млади и спорт, започнаа со реставрација на куќата на Џафер Дева во Јужна Митровица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа