Србија: Илјадници луѓе останаа без струја поради снегот

 

Обилните снежни врнежи предизвикаа многубројни комунални и сообраќајни проблеми во Србија за време на викендот, една третина од електроенергетскиот систем во моментот не работи, 17 лица беа завеани на планината Маљен, а поради комуналниот хаос во Белград, некои опозициски партии бараат оставка на градската администрација, јавуваат медиумите во регионот.

Обилен снег, скршени гранки и паднати дрвја пресекоа далноводи и оставија илјадници луѓе без струја во некои села во западниот и југозападниот дел на Србија.

Вонредна состојба е прогласена во општините Ивањица, Лучани и Нова Варош, каде што наносите во некои села се високи над еден метар, а затворени се две локални училишта.

На планината Маљен снежно невреме погоди 17 лица, меѓу кои и две деца. Успеале да се сместат во колиба без вода и струја, а ппланинарската спасувачка служба ги лоцирала и испратила свои екипи.

Министерката за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ, изутринава во Обреновац, каде што е седиштето на клучната термоелектрана „Никола Тесла“, изјави дека во моментот 30 отсто од вкупниот капацитет на електроенергетскиот систем е надвор од функција, а се очекува стабилизација во следните два дена.

Сите магистрални и патни правци што имаат приоритет се проодни, но патниците имаа полни раце работа во текот на ноќта меѓу неделата и понеделникот.

Нарекувајќи ја ситуацијата колапс, неколку опозициски партии денеска побараа смена на градоначалникот Зоран Радојчиќ.

Државниот метеоролошки завод (РХМЗ) за следните два дена најавува жолт метеоролошки аларм и ниски температури од минус осум до еден Целзиусов степен во поголемиот дел од Србија, со исклучок на југоистокот од земјата.

13.12.2021 - 19:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега