Трамп: Решавање на конфликтот во Украина ќе ми биде приоритет
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, во интервју за весникот „Пари Мач“ изјави дека негов приоритет меѓу многуте кризи со кои се соочува светот денеска ќе биде „решавање на проблемот на Украина со Русија“.
„Тие две земји трпат неверојатни човечки загуби. Стотици илјади војници се убиени“, рече Трамп во интервјуто објавено денеска во парискиот неделник.
Трамп изјави дека Блискиот Исток е исто така висок приоритет, но оцени дека ситуацијата таму не е толку тешка за решавање како што е случајот со Украина и Русија. Новоизбраниот американски претседател истакна дека во моментов има голем број кризи во светот, а дека од пред неколку дена има уште една – во Сирија.
„Тие ќе мора да се справат сами бидејќи ние не сме вклучени таму, а не е ниту Франција“, рече тој.
Во истото интервју Трамп, меѓу другото, посочи дека Франција е „пријател и сојузник“ на Соединетите Американски Држави, нагласувајќи ја важноста на трговијата и одбраната во односите меѓу двете земји, пренесува Танјуг.
Трамп ова интервју го даде минатиот викенд, кога беше во Париз по повод отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам, а „Пари Мач“ забележува дека ова е единственото интервју на кое Трамп се согласил за време на престојот во Франција.
Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, долго време тврди дека, кога ќе дојде на власт, „за 24 часа“ ќе го реши конфликтот меѓу Украина и Русија, кој трае речиси три години.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа