Турција ќе обезбеди бесплатна долготрајна рехабилитација на 15 пациенти од трагедијата во Кочани

 

 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска информираше дека Турција изразила подготвеност да прифати и до 15 пациенти од трагедијата во Кочани на долготрајна рехабилитација, која би траела повеќе од една година и би била целосно бесплатна.

Таравари изјави дека заедно со премиерот Христијан Мицкоски имале подолг состанок со турскиот министер за здравство, при што една од главните теми била грижата за повредените пациенти од несреќата во Кочани.

„Им се заблагодарив за сè што направија за нашите пациенти. Изразија подготвеност да примат уште 10 до 15 пациенти на кои ќе им треба долготрајна рехабилитација — над година дена, и тоа бесплатно. Во моментов можеме веднаш да испратиме четворица до шестмина, ако има потреба, а со тек на време и до максимум петнаесет. Тоа е многу добра вест“, рече Таравари.

Тој додаде дека за време на престојот во Турција лично посетил двајца од повредените пациенти, кои биле во контакт и во стабилна состојба. Нивните родители, според него, биле задоволни од третманот и инсистирале рехабилитацијата да продолжи токму таму.

Оваа понуда претставува значајна помош за семејствата и здравствениот систем, и потврдува зајакната соработка меѓу Северна Македонија и Турција во областа на здравството.

29.04.2025 - 23:52

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега