ВИДЕО: Инциденти на крајот на протестот пред црногорското Собрание каде по втор пат беа усвоени измените на законот за Претседател
Инциденти на крајот на протестот пред црногорското Собрание каде денеска по втор пат беа усвоени измените и дополнувањата на Законот за претседател.
Откако било соопштено дека протестот завршил, група млади луѓе ја нападнале полицијата, ја пробиле заштитната ограда и со камења, шишиња и факели фрлале кон Собранието, пренесуваат локалните медиуми. Полицијата возвратила со пепер-спреј и ги растерала демонстрантите. Дел од медиумите јавија дека полицијата искористила и шок бомби, што беше демантирано од официјални извори во црногорското МВР.
Инаку, измените на Законот за претседател првпат беа усвоени од парламентарното мнозинство на почетокот на ноември, но претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, на 7 ноември го врати законот во Парламентот на повторена одлука, со образложение дека таквиот чин би предизвикал забуна во уставните надлежности на најважните државни органи, би го уништил принципот на поделба на власта и би го урнал државно-правниот систем.
„За“ усвојување на правниот акт гласаа 41 пратеник. „Против“ беа пратениците од БС и независниот пратеник Генци Ниманбегу, а на гласањето не присуствуваа пратениците од ДПС, СДП и СД.
Шефот на пратеничката група на ДФ, Славен Радуновиќ, предложи поради итност законот да биде објавен во Службен весник најдоцна ден по истекот на рокот до кога претседателот е должен да го потпише законот.
Уставот предвидува дека претседателот Ѓукановиќ е должен да го парафира законот доколку тој биде вторпат усвоен во Парламентот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа