ВИДЕО: Колони камиони на премините со Косово, САД повикуваат на деескалација

 

Заглавени камиони на премините Мердаре, Јариње и Кончуљ. Приштина го забрани преминувањето на камиони со српска стока кон Косово и Метохија. Забраната не се однесува на автомобили.

Се намалија километарските редици на Јариње, многумина се откажаа од чекање, некои затоа што не знаат кога ќе се промени ситуацијата, некои поради лесно расиплива стока. Во Јариње во моментов чекаат дваесет камиони, пренесуваат српските медиуми.

Во Грачаница, во близина на Домот на културата, припадници на специјалните единици на косовската полиција претресувале автомобили и луѓе.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, вчера ги покани српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, на разговори во Брисел следната недела.

Се огласи и Стејт департментот, наведувајќи дека САД очекуваат Приштина и Белград да преземат итни чекори за деескалација на тензиите и да го следат планот од три точки претставен од Европската унија, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Според него, како дел од ова, Приштина мора да обезбеди градоначалниците Албанци да ги извршуваат своите преодни должности од алтернативни локации, како и да ги повлече полициските сили од север.

Стејт департментот очекува и безусловно ослободување на тројцата косовски полицајци уапсени од Србија. Исто така ја повтори својата осуда за насилството врз војниците на КФОР, органите на редот и новинарите.

Најавено е и дека САД во моментов не сакаат да зборуваат за можни санкции и дека фокусот е на страните да преземат чекори за деескалација на тензиите.

Денеска во 13 часот во Косовска Митровица ќе се одржи нов протестен марш за поддршка на уапсените Радош Петровиќ, Душан Обреновиќ и Милун Миленковиќ Лунет. Собирот е закажан кај споменикот на цар Лазар во Косовска Митровица.

 
 
16.06.2023 - 18:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега