Во РЕК Битола ќе се копа за 15% пониска цена
АД ЕСМ објави дека е потпишан договор со фирмата „Топлина“ за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК Битола. Договорот е резултат на итна постапка со преговарање, спроведена во согласност со Законот за јавни набавки, и претставува привремено решение додека трае изборот на изведувач на јавниот повик за истата услуга.
„Изборот на фирмата е направен со претходна согласност од Бирото за јавни набавки, која ја добивме на 17 декември 2024 година. Итноста се должи на неопходноста за обезбедување на континуирано производство на електрична енергија во термоелектраните во РЕК Битола, согласно планираните количини“, соопштија од ЕСМ.
Според информациите од компанијата, во процесот на преговарање биле испратени покани до пет компании кои редовно учествувале на јавни огласи за истиот вид на услуги. Фирмата „Топлина“ понудила најниска цена за извршување на работите, која е за 15% пониска од услугите на претходниот оператор, со кој РЕК Битола ја раскина соработката поради непочитување на договорените обврски.
„Секој актуелен или иден економски оператор кој ќе биде ангажиран во рудниците на РЕК Битола ќе мора да работи строго според постојниот рударски проект. Нашата цел е да обезбедиме транспарентност и доследност во сите наши активности“, додаваат од АД ЕСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа