Вучиќ: „Отворен Балкан“ е исклучителна иницијатива, важно е посилно да соработуваме
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во Албанија се сретна со премиерите на таа земја и на Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев во рамки на иницијативата Отворен Балкан.
Вучиќ на Инстаграм напиша дека има „важни разговори“ со премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, за понатамошно поврзување на трите држави.
-Важни разговори како понатаму да продолжиме да напредуваме, да се поврзуваме, да побрзо и посилно соработуваме. Отворениот Балкан го сметаме за исклучителна иницијатива, која е направена поради луѓето што живеат во секој наш град, во секое наше село, изјави Вучиќ.
Претходно беше најавено дека вечерва во Елбасан ќе започне дводневниот самит во рамки на иницијативата Отворен Балкан, со неформална средба на заедничката вечера што Рама ќе ја приреди на Вучиќ и Заев.
Официјалниот дел од самитот ќе се одржи утре во Тирана. Најавено е дека ќе бидат потпишани повеќе трилатерални и билатерални договори за регионална соработка, чиј резултат меѓу другото треба да биде заеднички пазар на труд.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа