Зеленски: Путин и Асад заслужуваат да бидат во затвор

 

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, по повод Денот на човековите права, кој се одбележува денеска, го повика светот да се обедини во борбата против, како што наведе, „диктаторските режими“.

„Овогодинешниот Ден на човековите права беше проследен со ужасни фотографии од сириските затвори и центри за тортура кои беа отворени по бегството на сирискиот претседател Башар ал Асад. Таму луѓето беа понижувани многу години. Мажи и жени биле тепани, мачени, силувани.

Илјадници и илјадници луѓе поминаа низ оваа фабрика на насилство“, напиша Зеленски на Телеграм, пренесува украински Интерфакс.

Зеленски изјави дека режимот на Асад се потпира исклучиво на насилство со децении и оцени дека „такви се сите режими поддржани од рускиот претседател Владимир Путин“. Тој потсети на затворите и „неописливото насилство“ и други злосторства на украинските територии окупирани од руските сили.

„Затоа ние, Украинците, сме толку трогнати кога гледаме Сиријци како излегуваат од затворите и центрите за тортура на Асад.

Асад и Путин не се само вазали и господари. Тие се соучесници во насилството. Диктаторите како Асад не можат да опстанат без диктатори како Путин. А Путин ќе се обиде да се одмазди за падот на Асад“, рече Зеленски.

Тој го повика светот да се обедини во спротивставувањето на режимите кои, како што рече, „сеат понижување и зад себе оставаат само страдања, болки и урнатини“.

„Со помош на Украина во борбата против руската диктатура, меѓународната заедница им помага на многу други региони во светот да ја вратат безбедноста.

Мора да има казна за страшните злосторства и кршење на човековите права. Впрочем, само Путин и Асад заслужуваат да бидат во затвор, а не тие невини луѓе кои се затворени со години“, заклучи претседателот на Украина, пренесува Танјуг.

10.12.2024 - 21:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега