Зеленски во Минхен повика на создавање „вооружени сили на Европа“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на создавање на обединети европски воени сили, велејќи дека континентот мора да биде самостоен во услови на постојана закана од Русија и неизвесност за поддршката од САД, ситуација што тој ја опиша како „оваа нова реалност“, пренесува Радио Слободна Европа.
„Мораме да ги изградиме вооружените сили на Европа така што иднината на Европа зависи само од Европејците, а одлуките за Европа се носат во Европа“, рече Зеленски во говорот на Минхенската безбедносна конференција на 15 февруари.
Во услови на загриженост во Киев и Брисел дека тие би можеле да бидат оставени настрана во напорите да се стави крај на руската инвазија на Украина, што ќе резултира со договор во корист на Москва, Зеленски повтори дека Украина и Европа мора да бидат вклучени во какви било преговори.
„Украина никогаш нема да прифати договори зад наш грб и без наше учество“, рече Зеленски.
„Истото правило треба да важи за цела Европа. Нема одлуки за Украина без Украина, нема одлуки за Европа без Европа“, додаде тој во својот говор.
Говорејќи речиси три години откако Русија ја започна целосната инвазија, тој рече дека „нема да го тргне од маса членството на Украина во НАТО“ и додаде дека Киев нема да се согласи на каков било прекин на огнот без вистински безбедносни гаранции.
„Ако не членство во НАТО, тогаш услови да се изгради уште едно НАТО во Украина“, рече тој.
„Дали на Америка и треба Европа? Како пазар, да, како сојузник, не знам“, праша Зеленски.
Обраќањето на Зеленски дојде еден ден по средбата со американските официјални претставници, вклучително и потпретседателот Џеј Ди Венс, кој во својот говор на конференцијата на 14 февруари ја истакна потребата од „траен, траен мир“ во Украина.
Зеленски му рече на Венс дека Украина сака „безбедносни гаранции“ од Вашингтон пред какви било преговори со Русија за завршување на речиси тригодишната војна.
Соединетите Држави испратија мешани сигнали за својата стратегија, што предизвика загриженост во Киев дека Украина може да биде принудена на лош договор што ќе го остави Путин охрабрен.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет по средбата со министрите за одбрана на НАТО, која се одржа неделава, рече дека е „нереално“ да се очекува украинските граници да се вратат на нивните позиции од пред 2014 година и рече дека Белата куќа, не го гледа членството на Украина во НАТО како дел од решението на конфликтот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа