497 нови полицајци ќе го штитат редот во државата
Во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово денеска беше одржана свечена промоција на новите полициски службеници – генерација 2024-2025, кои се приклучуваат на силите што го штитат редот и безбедноста на Македонија.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ја поздрави новата генерација, нагласувајќи дека оваа година МВР добива 497 нови полициски службеници, „синови и ќерки на Македонија“, кои ќе ги штитат граѓаните и ќе работат на заштита на безбедноста.
„Полициската професија не е само избор, туку и повик“, изјави Тошковски.
Тој додаде дека оваа генерација ќе продолжи да работи на унапредување на безбедносниот систем и создавање на современа, стручна и професионална полиција. Тошковски истакна и дека МВР ќе продолжи да инвестира во нови полициски станици, возен парк и модерни униформи, како и во зголемување на примањата на вработените.
Помошник министерот за Центарот за обука, Влатко Митковски, ги пофали новите полициски службеници и им порача дека станувањето полицаец е не само професија, туку и одговорност.
„Носејќи ја полициската униформа, станувате дел од големо полициско семејство“, истакна Митковски.
На крајот од церемонијата беа доделени благодарници и пофалници за најдобрите кандидати од новата генерација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа