Антикорупциска отвори предмет за случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација

 

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе утврдува дали има судир на интереси во случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација.

-Во текот на вчерашниот ден по објавите во медиумите, Антикорупциска комисија оформи предмет по сопствена иницијатива и ќе постапува да се утврди дали има судир на интереси, изјавија кусо од ДКСК за МИА.

Опозициската СДСМ во понеделникот обвини за конфликт на интерес, непотизам и сомнение за корупција во Министерството во врска со две јавни набавки во вредност од 50.000 евра што ги добила фирма која е во сопственост на сопругот на државната секретарка во тоа Министерство. Вчера, пак, ја повикаа Антикорупциска итно да постапи по овој случај.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во понеделникот на прес-конференција ги отфрли обвинувањата од опозициската СДСМ за конфликт на интерес, додавајќи дека Министерството е посветено на транспарентост, отчетност и законитост во работењето. Андоновски рече дека државниот секретар во Министерството не учествува во ниту една постапка за јавна набавка, во ниту една фаза, а нејзиниот ангажман е во административно-буџетско работење на Министерството, па затоа не постои простор за судир на интерес или влијание на постапката од нејзина страна. 

-Лага бр 1 на СДСМ е дека договорот е на сума од 2.5 милиони денари. Постигната е цена од 1.531.927,00 денари, која е за скоро 40 отсто поевтина од планираната сума за јавната набавка од 2.500.000,00 денари. На тој начин, заштедени се околу еден милион денари (16 илјади евра) пари на граѓаните. Предвидените производи се навремено и квалитетно испорачани при преселбата на Министерството. При дополнително направена анализа, направени се заштеди од 10 до 45 проценти по производ споредено со пазарните цени, нешто што никогаш не било случај во време на владеењето на СДСМ. И втората набавка, за проект кој СДСМ го блокираше, е мала набавка во која исто така се постигнати пониски цени од пазарните за до 40 отсто, рече министерот за дигитална трансформација.

12.03.2025 - 11:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега