Авион се преврте при слетување во Торонто, осум повредени

 

Авион на водрѕхопловната компанија „Delta“ доживеа несреќа во понеделникот на меѓународниот аеродром „Пирсон“ во Торонто, при што се повредени осум лица, соопштија официјални лица, а телевизијата CBS објави дека авионот се превртел при слетувањето.

Видеото објавено од локалниот телевизиски канал News Channel3 Now покажува авион на „Delta Air Lines“ на пистата покриена со снег, додека луѓето се оддалечуваат од авионот. Од осумте повреди, едно лице е во критична состојба а другите се со благи до умерени повреди, изјави претставник на Регионалната служба за брза помош Лоренс Саиндон.

Аеродромот „Пирсон“ во Торонто соопшти дека е свесен за инцидент со авион на „Delta“ кој пристигнувал од Минеаполис и дека екипите за итни случаи реагирале. Сите патници и членови на екипажот се згрижени, се вели во соопштението на аеродромот на X.

Претставниците на „Delta“ сè уште не одговориле на медиумските барања за коментар.

„Имаше авионска несреќа. Меѓутоа, во овој момент не ги знаеме околностите околу тоа. Од она што го разбрав, повеќето од патниците се надвор и неповредени, но ние сè уште се обидуваме да бидеме сигурни, па сè уште сме на местото на настанот“, рече полициската началничка Сара Патен од регионалната полиција Пил (Peel) во Онтарио.

Веб-страницата на аеродромот „Торонто Пирсон“ покажува дека повеќе од четириесет летови кои поаѓаат и пристигнуваат на аеродромот се одложени. Американската федерална управа за авијација соопшти дека дошло до прекин во сообраќајот на аеродромот.

Канадскиот одбор за безбедност на транспортот, независна агенција која ги истражува воздушните несреќи, сè уште не одговорила на барањето за коментар.

Несреќата во Канада доаѓа по некои други неодамнешни несреќи во Северна Америка кон крајот на јануари. Армиски хеликоптер се судри со патнички авион над Вашингтон, при што загинаа 67 лица, додека најмалку седум лица загинаа при уривање на медицински транспортен авион во Филаделфија.

17.02.2025 - 23:13

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега