Белград по 60 години повторно домаќин на Движењето на Неврзаните
50 шефови на држави и на влади и претставници на уште 55 земји на министерско ниво,над десет меѓународни организации со над 550 делегати, денеска на пленарна сесија во Белград ги одбележуваат 6-те децении од одржувањето на првата конференција на Движењето на Неврзаните. Своевремено, тогашна Југославија беше еден од основачите на оваа организација, која се формира од потребата за баланс во екот на Студената војна како противтежа на двата блока предводени од САД и тогашниот Советски Сојуз.
Министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ изјави дека стратешка цел на Србија е членството во Европската Унија, но земјата не се откажува од традиционалните врски и сојузи.
„Тоа што Белград повторно ќе ги собере неврзаните земји е потврда на угледот на Србија во светот и нашите граѓани треба да бидат горди поради тоа. Ова е можност за сите слободарски земји кои водат своја политика, сакаат да соработуваат и никого не угнетуваат да направат план и програма за иднината и да соработуваат многу подобро“, кажа српскиот претседател Александар Вучиќ.
Движењето на Неврзаните денеска брои 120 членки и 17 држави со статус на набљудувач,меѓу кои е и Република Србија. Првпат во улога на набљудувач се појавува Русија, која овде ја претставува Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
При организацијата на настанот, официјалните српски претставници нагласија дека е ова најголем мултилатерален настан каков што нема организирано ни ЕУ досега и како таков настан кој покрај дипломатската тежина и можноста за јакнење на економските релации, е и настан со голем безбедносен предизвик поради присуството на 50 шефови на држави и на влади.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа