Чешкиот претседател: Србија може да посредува меѓу Русија и Украина
Земан ја заснова оваа оценка на фактот дека Белград не воведе санкции кон Москва, што, според него, „може да биде предност“ за улогата на медијатор.
„Позицијата на Србија за неутралност, дека не поддржува санкции против Русија, може да биде предност за евентуалната улога на посредник бидејќи посредникот не смее јасно да стои на едната или на другата страна“, рече Земан на заедничката прес-конференција по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Како можни посредници во таа војна ги гледа Кина и Турција, како и Австрија, за која вели дека е „неутрална и членка на ЕУ, иако не е членка на НАТО“.
Вучиќ го истакна договорот на Белград и Прага во однос на осудата на упадот и инвазијата на руските сили во Украина и почитувањето на територијалниот интегритет на таа земја, посочувајќи дека Србија е „единствената земја во Европа“ која не воведе санкции кон Русија и дека тоа „никогаш не го крие“.
„Испративме хуманитарна помош и поддршка на сите начини, ќе испратиме уште повеќе и ќе учествуваме во изградбата на одредени градови и населени места во Украина“, рече Вучиќ.
Нагласувајќи дека за Србија „Донбас и Запорожје, Херсон и другите области се делови од Украина“ и дека тие се почитуваат „преку резолуциите, поредокот и Повелбата на ОН“, Вучиќ праша зошто другите земји „не ги почитуваат наредбата на ОН и резолуцијата 1244 (СОНС)“ со кој се признава територијалниот интегритет на Србија на Косово.
„Како ги почитувате сите резолуции, а не ја почитувате единствената што се однесува на нашиот територијален интегритет? Ставете се на наша позиција, во наша кожа, бараме да го разберете тоа и ништо повеќе“, рече Вучиќ. Земан нагласи дека „го цени фактот што Србија ја осуди руската агресија во Украина, бидејќи не може да се дозволи која било земја да го напаѓа соседот без причина“.
Чешкиот претседател во заминување ја избра Србија за својата последна официјална посета бидејќи, врз основа на вториот круг од претседателските избори во саботата, наскоро на таа позиција ќе биде заменет од поранешниот генерал на НАТО, Петр Павел. Земан денеска повтори дека се извинил за учеството на Чешка во бомбардирањето на НАТО на поранешна Југославија во 1999 година.
Земан ќе остане запаметен како единствен шеф на држава или влада на една од земјите-членки на НАТО кој јавно ѝ се извини на Србија за бомбардирањето во 1999 година, кога тој како премиер на Чешка ја одобри интервенцијата на таа воена алијанса.
По разговорот Вучиќ-Земан следеше средба на двете државни делегации и потпишување на меѓудржавен договор за зајакнување на културната соработка и формирање на Чешка куќа во Белград, која ќе биде седиште на Чесите, но и простор за собир на Чесите и Србите, состаноци и деловни контакти и „важно место за односите меѓу двете земји“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа