Пелегрини: Иднината на ЕУ делумно зависи од приемот на нови членки, а особено на земјите од Западен Балкан
Иднината на Европската Унија делумно зависи од приемот на нови членки, а особено на земјите од Западен Балкан, изјави денеска словачкиот претседател Петер Пелегрини.
„Знам колку беше важно за Словачка пристапувањето во ЕУ. Планирам постепено да ги посетувам сите земји од Западен Балкан за да ги поддржам на овој пат, под услов да се исполнат сите услови“, рече Пелегрини.
Тој истакна дека Европската Унија ја чека предизвикувачки период во кој ќе мора повеќе да се потпира на сопствените ресурси, или во зајакнувањето на својата конкурентност, отпорност или во економската сфера.
Пелегрини ова го изјави ова за време на состанокот со вршителот на должноста шеф на Претставништвото на Европската комисија во Словачка, Радим Дворжак, по повод одбележувањето на 21-годишнината од пристапувањето на Словачка во ЕУ.
Тој посочи дека членството во ЕУ и НАТО е еден од најголемите успеси на земјата, како и дека мнозинството словачки граѓани го поддржуваат членството во ЕУ, но предупреди дека таа поддршка „не смее да се сфаќа здраво за готово“.
„Важно е постојано да ги истакнуваме позитивните аспекти на нашето членство во европската заедница. Луѓето мора да бидат свесни за предностите што ни ги нуди ЕУ, но во исто време мора да го препознаеме и важниот придонес на Словачка за иднината на Европа“, рече Пелегрини.
Тој, исто така, го поздрави пристапот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кон иновациите и вештачката интелигенција, кои ги опиша како клучни за иднината и конкурентноста на ЕУ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа