Филков: Кога медиумите се слободни, граѓаните се информирани, а правдата е погласна
Министерот за правда Игор Филков им го честита 3 Мај - Светскиот ден на слободата на медиумите на сите новинари, сниматели, фоторепортери, монтажери и медиумски работници.
- Слободата на медиумите е основа на секое демократско општество. Без неа – нема вистина, нема правда, нема одговорност. Денес, на Светскиот ден на слободата на медиумите, ја потврдувам мојата цврста заложба да ги штитиме новинарите, да обезбедиме безбедна средина за независно известување и да не дозволиме притисоци врз медиумите, истакнува Филков.
Министерството за правда, како што посочува во честитката, останува посветено на создавање услови за слободно, професионално и одговорно новинарство.
-Преку законските измени за граѓанска одговорност за навреда и клевета, гарантираме поголема правна заштита и простор за слободно изразување – без страв и притисоци. Кога медиумите се слободни, граѓаните се информирани, а правдата е погласна. Овој ден нека биде потсетник за заедничката одговорност што ја имаме во заштита на медиумските слободи, истакнува министерот Филков.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа