ФОТО: Увид пред дискотеката во Кочани - Во тек рочишта за определување притвори

 

Утрово се врши увид пред дискотеката Пулс во Кочани каде загинаа 59 лица, а стотина се повредени во пожар кој избувнал и брзо се проширил.

Обвинителството до овој момент поведува постапка на проверки за вкупно 11 лица. Од нив предлог за краткотраен притвор е веќе поднесен за 8 лица, додека останатите 3 се уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.

Постапката во однос на нив ќе продолжи веднаш кога состојбата ќе им се подобри.

 

Дејствија продолжуваат да се преземаат за испитување на одговорност на повеќе лица.

Инаку, во тек се рочишта за определување притвори. 

Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала. 

Како што соопшти синоќа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, досега се сослушани над 20 лица, меѓу кои и еден од организаторите на настанот, а потврди дека на информативен разговор е повикан и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.

Според Коцевски, се работи за сложен предмет и има многу работи што треба да се испитуваат. Досега се преземени низа активности – наредби за обдукција на жртвите, наредби за преземање мерки до МВР и БЈБ за апсење на секое лице кое со своето постапување или не постапување придонело за настанот и да се испита неговата улога, наредба за анализа на одземени предмети, предлог за издавање наредба за одземање видео снимки од безбедносни камери, предлог за издавање наредба за привремено одземање документација на правниот субјект, барање за претрес во дом и други простори и барање за меѓу институционална соработка до ОЈО ГОКК.

 

- Лицата постапувале спротивно на прописите и техничките правила на мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и делото на луѓето од големи размери, изјави Коцевски.  

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, соопшти дека дел од осомничените за предизвикување на овој кривично правен настан се починати, дел се во болница. Четири лица моментално се обезбедни во болница - два члена на бендот, син на сопственик на дискотека и управител на правното лице кое што ја менаџирало дискотеката.

- Дел од приведените лица кои што моментално се во полициска станица се луѓе кои имаат директна вина со овој настан, согласно досега собраните докази. Приведено е едно лице, кое што е организатор на настанот и за кое што имаме сомнение дека e еден од оние кои што имаат директна вина. Исто така, приведени се поранешен државен секретар на Министерство за економија, поранешен раководител на еден сектор во Министерство за економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени во рамки на дирекцијата, изјави Тошковски. 

Легална лиценца за работа фирмата немала и во овој дел од истрагата Тошковски рече дека не може да открие повеќе детали, но посочи дека, како и многу други работи од минатото е поврзана со мито и корупција.

17.03.2025 - 07:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега