(ФОТО ВЕСТ) Дрво падна врз 10-годишно дете - детето е хоспитализирано и се уште е под опсервација
Во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје екипи на Министерството за внатрешни работи извршија увид во Општина Карпош, каде при пад на гранка од дрво вчера 10-годишно дете се здоби со тешки телесни повреди.
-Детето е хоспитализирано и се уште е под опсервација. Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување на целокупната документација за утврдување на староста и евентуалните барања за сечење и отстранување на дрвото. Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија во насока на утврдување на евентуална кривична одговорност за настанот, информираат од ОЈО.
Вчера вечерта во врска со овој настан од ЈП Паркови и зеленило ја демантираа Општина Карпош дека ова дрво било обележено за сечење, но дека тие не си ја завршиле работата.
-Најостро ги демантираме наводите на општина Карпош дека дрвото било обележано за сечење. За конкретното дрво до нас нема пристигнато никакво барање ниту пак има издадено Решение за сечење. По барањата на странките за интервенција врз дрвјата редовно се постапува. Во досегашното работење на сите барања на Општина Карпош е одговорено. Во член 29 став 2 во Законот за урбано зеленило стои дека врз основа на поднесеното барање, општината е должна во рок од седум дена да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“). Во случајот е евидентно дека дрвото не е обележано со никаков знак како што е утврдено во Законот за урбано зеленило . Сметаме дека надлежните од општината го злоупотребиле овој немил настан од причина што доколку се работи за подрачје на нивна општина за кое требало да поднесат барање, информираа од Јавното претпријатие.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа