Голема акција на Балканот - паднаа 382 шверцери
Дваесет и осум европски држави ги здружија силите во борбата против трговија со дрога и огнено оружје, криумчарење мигранти и трговија со луѓе, на т.н. балканската рута, а заедничката акција од 26 до 29 октомври доведе до апсење на 382 лица и покренување на нови 130 истраги.
Акциите, кои опфаќаа интензивни контроли на надворешните граници на ЕУ, се координирани од Шпанија и Европол, а се финансирани од програмата ИПА/2019, пишува хрватски „Индекс“ повикувајќи се на соопштение на полицијата.
Европравда, Фронтекс, ИНТЕРПОЛ, СЕЛЕК и други меѓународни организации, исто така, обезбедија поддршка за оперативните активности на 18 земји од ЕУ и 10 трети земји.
Деновите за заедничко дејствување биле планирани врз основа на пристап предводен од разузнавачки информации, кој вклучува соработка на низа агенции за спроведување на законот, вклучително и полицијата, царината, агенциите за имиграција и граничната контрола.
Операциите главно биле спроведени на Балканот и Југоисточна Европа, а 16.000 полицајци биле вклучени во операции на терен, додека националните тела координираа специјални активности насочени кон мрежите за трговија со луѓе вклучени во трудова и сексуална експлоатација и принудно питачење.
Уапсени се 382 лица, од кои повеќето биле вклучени во трговија со дрога, олеснување илегална миграција, фалсификување документи и трговија со огнено оружје, а апсењата и запленетите докази им овозможиле на органите на прогонот да отворат 130 нови истраги.
Проверени се 74.924 лица, претресени се 998 локации, прегледани 32.665 возила и проверени 2.004 пакети/пратки. Од вкупно 382 апсења, 159 се поврзани со криумчарење мигранти, 112 за трговија со дрога, 38 за трговија со огнено оружје, две за трговија со луѓе и 71 за други кривични дела. Откриени се 2476 нелегални влезови.
Запленети се 106 парчиња огнено оружје, 304 килограми хероин, 147 килограми и 5402 стебла марихуана и 1,3 килограми кокаин
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа