
Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, се огласи на Фејсбук по трагедијата во Кочани во која според досега официјалните податоци загинаа 59 лица, а стотина се повредени.
- Не постојат зборови на утеха кои можат да ја ублажат болката на семејствата и блиските на загинатите во една од најголемите трагедии што се случиле во Македонија во нејзината современа историја, а веројатно една од поголемите трагедии по бројот на загинати во еден ден воопшто било кога во Македонија. Загубата на сопствено младо дете, брат или сестра, внук или внука, е огромна и ненадоместлива загуба. Го изразувам моето сочувство со семејствата и блиските на загинатите во трагедијата во дискотеката во Кочани. Бог да им даде сила во овие тешки моменти, напиша Груевски.
Вели општиот степен на одговорност во Македонија е многу девастиран, што е предуслов за вакви и многу други трагедии.
- Кога степенот на неодговорност од највисоките државни нивоа, ќе се спушти на ниво на поединечни локални инспектори, референти, инжињери, надзори, лекари, учители, одговорни лица за некаква контрола, одговорни за давање или одземање некакви дозволи, решенија, одлуки и слично, тогаш тоа е состојба на девастирана држава. Кога во свеста на најниските по хиерархија во системот на државата ќе стане нормално да нема последици и сериозна одговорност и тоа да стане нормално, како во случајот со ковид монтажната болницата во Тетово пред неколку години, набавена, опремена и монтирана од фабрика во сопственост на потпретседателот на тогаш актуелната влада, во тендерска постпка со видливо фаворизирање, и уште при тоа никој да не сноси никаква одговорност за тоа, тогаш тоа е многу сериозен дефект на системот. Кога говорам за одговорност, не мислам само на одговорност одкако ќе се случи несреќата, туку пред се на личното чувство на одговорност на секој поединец во системот, во насока да постапува на таков начин одговорно извршувајќи ја својата работа, перфектно добро, независно дали станува збор за градежна или електрична изведба, надзор, контрола, проценка, навремено предупредување и известување, носење целосно по закон и етички стандарди одлуки и решенија без попуштања или привилегии за некого, навремени контроли, проверки и мерки, итн, за да не дозволи да дојде до ваква или слична несреќа, напиша тој.
- Гледано низ призма на случајот во Кочани, од сопственик, менаџер и други одговорни на дискотека, до изведувачи и одржувачи, од локален до национален инспектор, од локални политички назначени или избрани одговорни лица кои издаваат различни дозволи и кои се одговорни за контрола на исправноста на сѐ за што имаат законска одговорност, па нагоре. Треба да се провери законитоста во постапките на секој законски одговорен во системот од моментот кога пред години била издадена прв пат дозволата за работа за ваква дејност на овој објект, потоа сите продолжувања на тие дозволи, и се до моментот на трагедијата, и да се утврди законска одговорност доколку се најде и таму каде ќе се најде незаконитост во постапката, во сите нејзини фази и лица кои ги направиле пропустите. И така до законските пропусти во самата вечер на трагедијата, од страна на организаторите и оние кои требало да ги контролираат, а особено користењето на прскачите на оган во дискотеката, кои веројатно директно го предизвикаа пожарот, а токму пожарот одзема многу млади невини животи, кои сега ќе беа живи и здрави ако не се случеше тоа.
Ако е точно дека дискотеката подолго време работела без дозвола, или со некаква незаконска дозвола, тоа е многу значаен момент, и треба да се утврди под кои околности објектот работел на таков начин и кој е одговорен за тоа. Со оглед дека и за оваа и за многу други дејности, добро е уште еднаш да се преиспитаат и евентуално изменат и заострат законските стандарди за издавање дозволи и да се споредат со држави кои имаат законски најбезбедни системи.
Во секој случај, таа ерозија на системот на секое ниво е голем проблем за повеќе држави на балканот, а во Македонија е многу загрижувачка и влева апатија и големо чувство на несигурност и недоверба кај граѓаните, додава Груевски.
- Кога луѓето не веруваат во ништо и никого, почнуваат да не веруваат и во тие што одговорно си ја вршат работата, што секако влијае деморализирачки на тие луѓе кој најчесто го напуштаат системот и го препуштаат на послаби, помалку одговорни и по неспособни од нив. Исто така важна е и општествена култура за пријавување и алармирање од страна на лица кои можеби не се директно одговорни, но кога ќе забележат аномалија чувстуваат лична одговорност веднаш да ги алармираат одговорните по закон, и да остават траг за навреме алармираното. Кој живеел во земја каде ако возилото непрописно го паркираш на тротоар, па дури и ако си во него, пред да дојде полицијата, за 5 минути најмалку 5-10 обични граѓани ќе те предупредат, и ако веднаш не реагираш ќе направат фотографија и веднаш пред тебе ќе ја испратат на јавно објавен телефон за таква намена од полицијата, ме разбираат за што говорам. Таму, кога треба се предупреди, извести, пријави и алармира, не важи синтагмата “тоа не е моја работа”. Ова системско “тонење” мора да запре со енергична акција на властите не само во смисла на одговорност за овој настан која верувам ќе се случи, туку пред се во брза и ефикасна промена на свеста кај сите во системот и вон него, (а постојаните контроли и казните се само еден од методите за тоа), пред да се случат нови трагедии во кои ќе има нови недолжни настрадани и семејства со уништени животи, напиша поранешниот премиер.