Курти: Соработката на ЕУ и САД во посредувањето во косовско-српските преговори е неопходна

 

Косовскиот премиер Албин Курти ја поздрави соработката и координацијата меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави во пресрет на, како што вели, „новиот процес на дијалогот меѓу Косово и Србија”, јави дописникот на МИА од Приштина.

 

Во соопштението на владината служба за информирање по денешната средба на премиерот со специјалниот пратеник на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак и заменикот помошник државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Метју Палмер, се вели дека Курти смета оти таа соработка е „добредојдена, затоа што е неопходна”.

 

– Премиерот Курти ја оцени како значајна средбата и времето во кое таа се случи: во пресрет на средбата во Брисел, најавена за средината на јуни, по неговите средби со опозициските лидери и пред расправата во Собранието за досегашниот процес на дијалогот (со Србија), постигнатите договори и степенот на нивна спроведливост, се вели во соопштението по средбата.

Лајчак и Палмер денеска допатуваа во дводневна официјална посета на Косово. Тие денеска имаа средби и со претседателката на државата, Вјоса Османи, како и со лидерите на двете најголеми опозициски партии во земјата, Љумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Енвер Хоџај од Демократската партија на Косово (ПДК).

31.05.2021 - 20:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега