Мицкоски: Договорот со Обединетото Кралство ќе овозможи инвестициски циклус од околу 6 милијарди евра
Договорот за стратегиско партнерство со Обединетото Кралство ќе овозможи инвестициски циклус во вредност од околу шест милијарди евра во инфраструктурата, железницата, транспортот, здравството и други области, најави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со британскиот премиер Кир Стармер на која, како што соопштија од Владата, била постигната согласност за договор за стратегиско партнерство меѓу Македонија и Британија.
-За нас како држава е историски овој настан. Македонската јавност ќе биде сведок на договор за стратешко партнерство, договор кој ќе овозможи инвестициски циклус во вредност од пет милијарди фунти или попрецизно околу шест милијарди евра во делот на инфраструктурата, железницата, транспортот, здравството итн – рече Мицкоски.
Премиерот оцени дека постигнатата согласност за договор за стратегиско партнерство на ниво на влади е привилегија бидејќи, како што рече, земјава е можеби една од ретките која има ваков договор со владата на Обединетото Кралство.
-Договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство влада со влада е привилегија затоа што зборуваме за една од најголемите велесили во светот и влада на држава којашто е една од најголемите во Европа и таа нема вакви договори со многу земји, би рекол можеби сме една од ретките – додаде тој.
Мицкоски и Стармер претходно денеска на прес-конференција од Тирана, каде што учествуваат на Самитот на Европската политичка заедница, објавија дека Македонија и Обединетото Кралство постигнале согласност за договор за стратегиско партнерство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа