Мицкоски ќе потпише историски договор за стратешко партнерство со Велика Британија
Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска учествува на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, ќе има средба со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, на која се очекува финализирање на договор за стратешко партнерство меѓу двете земји.
Станува збор за документ кој е резултат на повеќемесечни интензивни преговори меѓу дипломатски и експертски тимови од двете страни. Договорот, кој се најавува како историски, ќе отвори нови перспективи за соработка во клучни области како безбедноста, економијата, инвестициите, образованието, дигиталната трансформација и климатските промени. Ова е договор кој ја позиционира Македонија во поширокиот круг на интереси на една од водечките светски сили. Станува збор за конкретна и долгорочна определба за зајакнување на билатералните врски со Обединетото Кралство, велат извори од Владата.
Со потпишувањето на договорот, Македонија би добила пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите. Дополнително, соработката ќе опфати и засилен политички дијалог, како и координација во рамки на меѓународните институции и глобалните безбедносни предизвици.
Деталите од договорот, како што е најавено, ќе бидат официјално соопштени во текот на денот.
Во меѓувреме, премиерот Мицкоски во Тирана се сретна со албанскиот премиер Еди Рама.
- Секогаш е посебно задоволство кога со нашите соседи градиме разбирање и заедничка визија. Денеска со премиерот Рама во Тирана имавме исклучително конструктивен и пријателски разговор, исполнет со заемна почит и желба за напредок. Заедно, цврсто чекориме по патот кон Европската Унија, посветени на иднината што ја градиме со партнерство, дијалог и заеднички вредности, објави Мицкоски на неговиот фејсбук профил.
Средбите во Тирана се случуваат во рамки на Самитот на на Европската политичка заедница, на кој лидерите на Западен Балкан имаат можност да разменат мислења со претставници на Европската Унија и стратешки партнери.
Самитот, како што објави претходно премиерот Мицкоски, е посветен на унапредување на регионалната соработка, стабилноста и приближувањето кон ЕУ, при што била потенцирана важноста од заедничко дејствување пред предизвиците со кои се соочува нашиот континент.
- Во отворената дискусија се разменија ставови за клучни теми за зајакнување на поврзаноста на регионот со остатокот од Европа. Нашето присуство и учество на овој Самит е потврда за нашата заложба за активно учество во европските процеси и градење стабилно и просперитетно соседство, напиша Мицкоски на ФБ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа