Кузеска: Историски најголема партизација, Меџити ќе вработи 3000 партиски кадри
Изјавата на Изет Меџити дека Владата ќе вработи 2000 до 3000 партиски кадри на Меџити во државната администрација во најкус рок е скандал без преседан, рече на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Масовната партизација на администрацијата пред изборите е јасно договорена со Мицкоски. Прашањето е – дали списоците за вработувања веќе се кај него на маса?, прашува Кузеска.
„Откако Таравари изјави дека прво требало да се решат етничките прашања, па потоа да се зборува за економијата, сега Меџити има нова стратегија – прво да се вдомат партиските кадри, а потоа ќе зборуваме за вработување на квалитетните и способните. Мицкоски во целата оваа ситуација молчи, како и секогаш кога е во криза.
Ова е најголемата отворена најава за партизација на институциите во историјата. Станува збор за класичен партиски клиентелизам – вработување на партиски кадри, луѓе блиски до владејачките партии, без јасни критериуми и без гаранција за квалитет во јавните институции.
Ова е истата практика што ја гледавме за време на режимот на Груевски – полнење на администрацијата со партиски послушници, додека компетентните луѓе остануваат без шанса“, посочи Кузеска.
„СДСМ прашува:
Според кои критериуми ќе се избираат овие 3000 вработени?
Дали ќе има јавни конкурси или веќе постои список на „подобни“ кандидати?
Дали овој список е веќе на масата на Христијан Мицкоски?
Дали ВМРО-ДПМНЕ молчи затоа што веќе е договорено дека дел од овие вработувања ќе бидат за нивни кадри?
ВМРО-ДПМНЕ, која додека беше во опозиција жестоко зборуваше против партиските вработувања, сега молчи, реле Кузеска.
Кузеска посочи дека тие некогаш обвинуваа дека администрацијата е презаситена и дека треба да се прават реформи, но денес немаат проблем да ја наполнат со свои кадри. Нови четири министерства, по три заменици министри, и сега – нови 3000 луѓе во администрацијата.
„Македонија не губи луѓе затоа што нема 3000 работни места во администрацијата, туку затоа што владее корупција, партиски клиентелизам и недостаток на еднакви шанси. Оние што не припаѓаат на владејачките партии остануваат без можности, а професионалците заминуваат затоа што во оваа држава не се вреднува знаењето, туку партиската лојалност.
СДСМ бара:
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) итно да постапи по оваа изјава.
Итно стопирање на сите моментални вработувања во државната администрација.
Целосна истрага за овој скандал од надлежните институции.
Ова не смее да остане неказнето.
СДСМ ќе се спротивстави на оваа политика и ќе ја брани праведноста и транспарентноста во институциите.
Граѓаните заслужуваат држава во која секој ќе има еднаква можност, а не држава во која работните места се распределуваат според партиски списоци“, потенцираше Кузеска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа