Ристески: Нема одложување на мерката за објавувањето на цените, ќе се интензивираат контролите
Во тек се вонредните контроли, а поинтензивно ќе се спроведуваат по Велигден и нема никакво одложување, вели заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески за спроведувањето на законската мерка со која трговците се обврзуваат на своите веб-страници да ги објавуваат цените на производите и секојдневно до 10 часот да ги ажурираат.
Според Ристески прво ќе стигнат опомените, а казните за неспроведувањето на мерката која започна вчера да се применува, се од 500 до 10 000 евра.
-Како што почна мерката да се применува, така и пазарниот инспекторат има вонредни контроли. Засилени контроли ќе има по Велигденските празници. Казните за сите оние кои нема да ја почитуваат оваа транспарентност преку нивните веб-страници, содржана во Законот за заштита на потрошувачите, се од 500 до 10 000 евра, рече Ристески.
Се очекува сите трговци да ја почитуваат мерката и нема никакво одложување, иако имаше одредени барања, особено од аптеките. Можна е средба со нив идната недела.
-Очекуваме сите трговци на мало да ја почитуваат мерката. Мерката стапи во сила од 4 март. Имаше период од 45 дена за приспособување. Мислам дека тој период е доволен. Голем број трговци веќе имаат свои веб-страници, само требаше да воведат ценовници и она што го предвидува Законот. Одлагање нема да има. Знам дека има одредени барања и како што најави Министерот, можеби наредната недела ќе имаме средба со некои од тие здруженија на аптеки, на трговци на мало. Одлагање нема да има, треба да се применува и да се спроведува, во интерес е на заштита на стандардот на граѓаните преку транспарентното објавување на сите цени, односно, граѓаните да може сами да одлучуваат каде би ги купувале производите и по која цена, изјави Ристески.
Со оваа и другите мерки се очекува на подолг рок да има заштита на животниот стандард на граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа