Левица: Охридското езеро не е приватен имот на корумпирани политичари
Левица најостро ја осудува неодговорната, корумпирана и клиентелистичка политика на Владата предводена од ДПМНЕ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои со доделувањето концесии за стопански риболов вршат директен еколошки геноцид врз Охридското Езеро. Ова денеска го велат од ЛЕВИЦА преку соопштение до јавноста.
Ви го пренесуваме во целост:
Фактот што две од шесте концесионерски компании се основани во текот на самиот огласен рок претставува класичен пример на непотизам, незаконско фаворизирање и злоупотреба на јавните добра за остварување на лични и партиски профити. Овој скандалозен потег уште еднаш покажува дека владејачката гарнитура нема никаков интерес за заштита на националното природно богатство, туку исклучиво се раководи од тесните бизнис-интереси на поединци блиски до власта.
Дополнително, доделувањето концесии е направено без сериозна научна основа, без темелна проценка на состојбата на рибниот фонд и без одобрување од релевантните институции и експерти. Оваа непромислена и штетна политика директно го загрозува опстанокот на автохтоните видови, особено охридската пастрмка и белвицата – видови кои се наоѓаат во критична состојба поради долгогодишната небрежност на властите.
Посебно алармантен е фактот што Владата дозволува годишен улов од десет тони риба, во услови кога вештачкиот мрест и порибувањето се прекинати веќе шест години. Оваа катастрофална одлука е директен напад врз екосистемот на Охридското Езеро, кое е под заштита на УНЕСКО и претставува светско природно наследство.
Владата свесно ги игнорира предупредувањата на еколошките здруженија, научната заедница и граѓаните, кои со години алармираат за драстичното опаѓање на рибниот фонд и деградацијата на екосистемот. Со ова, не само што се уништува природното богатство на државата, туку се доведуваат во директна егзистенцијална опасност традиционалните рибари и иднината на одржливиот риболов во регионот.
Бараме:
- Итно поништување на концесиите за стопански риболов во Охридското Езеро.
- Враќање на рибниот фонд под строг државен надзор и воведување на трајна забрана за комерцијален улов додека не се обнови природната рамнотежа.
- Спроведување на итни мерки за ревитализација на езерскиот екосистем, вклучително и повторно активирање на вештачкиот мрест и контролиран процес на порибување.
- Кривична одговорност за сите инволвирани во оваа еколошка катастрофа, како и ревизија на целиот процес на доделување на концесиите.
Охридското Езеро не е приватен имот на корумпираните политички елити – неговата заштита е одговорност на сите нас.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа