Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставнички на ,,Македонија 2025"
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска разговараше со Никица Мојсовска-Блажески, главна извршна директорка на ,,Македонија 2025" за зајакнување и продлабочување на односите со дијаспората.
На средбата, директорката ја запозна претседателката за концептот на самитот ,,Македонија 2025", како ретка можност за вмрежување, остварување на нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори.
Соговорничките се согласија дека дијаспората треба и може да биде важен фактор и актер во македонската економија, политика, образование, наука, култура и спорт. Тие укажаа на потребата од интегрирање на дијаспората во сите македонски сфери и процеси.
Директорката ја поздрави идејата за формирање на Национален совет за дијаспора којшто треба да обединува различни профили и престижни и докажани личности, изразувајќи спремност за соработка. Беше истакната нужноста од создавање и креирање на интегрирана база на податоци, односно регистар на најуспешните.
Претседателката и директорката се согласни дека воспоставување интензивни врски на дијаспората со Социјално-економскиот совет во владата, а особено со Агенцијата за иселеништво, е од исклучително значење за успешна комуникација.
Обете сметаат дека дебирократизацијата на постапките за добивање македонски патни исправи и други документи, како и подобрувањето на дипломатско-конзуларните услуги се неопходен чекор за континуирана комуникација на татковината со дијаспората.
Исто така, комплетирањето на регистрите на најуспешните и светски афирмираните ќе обезбеди увид во драгоцениот социјален капитал што го имаме во дијаспората, неопходен за предизвиците неразделни од дигиталната трансформација и вештачката интелигенција.
Според нив, време е за изразување должна почит преку доделување титули и награди за извонредност и заслуги за татковината на оние кои придонеле за нејзината неспорна афирмација ширум светот.
Претседателката изрази подготвеност да биде и годинава покровителка на ,,Охрид камп за високо-технолошка извонредност" за деца од земјава и од дијаспората, со искрена желба да ја поддржи нивната креативност, ум, знаење и иновација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа