Неготино тагува - Откажани забавно-музичките настани по смртта на Фросина
Неготино тагува по младата Фросина Кулакова која трагично го загуби животот кога на неа налета автомобил со голема брзина, на булеварот "Партизански Одреди" во Скопје и ја усмрти.
Откажани се сите забавно-музички настани во Неготино, „Свети Трифун“ ќе се одбележи скромно, информираа денеска од Службата за односи со јавноста при неготинската локална самоуправа за МИА.
– Имајќи ја предвид сензитивноста на моментот во кој се одвива секојдневието на Неготино и неговите граѓани и пошироко во Македонија, Општина Неготино како организатор на манифестацијата, ја информира јавноста дека се откажани сите предвидени забавно-музички активности во рамките на манифестацијата, со која се одбележува празникот на лозарите и винарите, „Свети Трифун“, соопштија од Службата за информирање.
Според програма што ќе се одвива од среда до петок, кога на градскиот плоштад се одржува централниот настан, ќе се одржи натпревар во дегустација на вина и ракии на индивидуални производители, традиционалната изложба на Здружението на граѓани „Стари занаети“, доделување награди на најдобрите производители на вина и ракии, доделување награди по распишаниот ликовен и литературен конкурс во трите училишта од градот и базар на ракотворби што ќе биде од хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за подигнување на сообраќајната свест на учесниците во сообраќајот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа