Поради навреди изречени на Фејсбук, Косово го повлече дипломатскиот претставник од Црна Гора
Косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај го отповика вршителот на работите во Црна Гора бидејќи поранешниот албански премиер Сали Бериша на Фејсбук го нарекол психопат.
Хоџај одлучи „неодложно да го врати“ вршителот на должноста Џафер Ахмети „после неговите коментари на социјалната мрежа кои не се во согласност со правилата на дипломатијата, ниту со однесувањето на еден дипломат“, изјави политичкиот советник во косовското министерство Башмир Џемај.
Ахмети на Фејсбук напиша дека Бериша „не е нормален“ и дека е „психопат“, бидејќи поранешниот албански премиер остро го критикувал својот наследник Еди Рама, пренесува Танјуг.
Тој, исто така, ги повикал Албанците во Албанија да „ги искористат сите демократски средства, па и протестите“, против власта.
Ахмети од април годинава беше вршител на работите во дипломатското претставништво во Подгорица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа