Спречен напад врз седиштето на грчката владејачка партија

 

Најмалку седум луѓе се уапсени денеска во Солун и Атина, меѓу кои и едно лице за кое се претпоставува дека планирало да изврши напад врз седиштето на грчката владејачка конзервативна партија Нова демократија.

Полицијата соопшти дека осомничениот е припадник на милитантна група на екстремната левица.

При претресот на неговиот стан биле пронајдени белешки за наводни потенцијални мети, а меѓу нив се наоѓале и сопственици на бродоградилишта, претседателот на грчката Стопанска комора и првиот човек на најголемиот грчки фудбалски клуб „Олимпијакос“.

- Тоа беше удар насочен кон ослабнување на државните институции и нашата економија, во момент кога се обидуваме да излеземе од кризата, изјави денеска грчкиот министер за јавен ред, Василис Кикилиас.

Осомничениот е Грк, кој одбива да соработува при сослушувањата на полицијата, но други детали не се наведуваат.

Во одделна антитерористичка акција, во Солун и Атина, биле уапсени шест лица - петмина Грци и еден Албанец. Кај нив се пронајдени експлозив, оружје, фалсификувани документи. 

03.10.2014 - 09:10

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега