Груевски: Охрид ќе доживее едно ново издигнување и решавање на многу постоечки проблеми

 

Новата програма за наредните четири години е веќе подготвена која сите ќе може да ја прочитате, внимателно обмислена, добро пресметано за се да е во склад со финасиските можности на општината, и со нејзиното спроведување Охрид ќе доживее едно ново издигнување, и решавање на многу постоечки проблеми, истакна од вечерашниот митинг во Охрид, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од каде Коалицијата „За подобра Македонија“ ја запозна изборната кампања.

-Доктор Тилевски како долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ уште од основањето, знае дека кога ВМРО-ДПМНЕ ветува, тоа мора да се исполни, но и ние го познаваме него дека е многу сериозна личност која кога ќе се нафати за некоја работа го прави тоа со сета своја чест и одговорност, посветеност и неуморно работење, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски издвои дел од проектите кои се планира за оваа општина во наредниот период.

 

-Ветуваме реконструкција на Градскиот Кеј кој ќе се уреди и ќе стане модерно шеталиште во кое охриѓани и туристите поминуваат голем дел од своето слободно време. Во склоп на кејот ќе се прошири и дополнително ќе се уреди градскиот плоштад Свети Климент Охридски, а модерен и нов лик ќе добие и плоштадот Крушевска Република. Планираме изградба на нов модерен парк Студенчишта кој ќе се простира на потегот каде што се поврзуваат патеките од Градскиот Кеј, пешачката патека од Билјанини Извори до Котва и патеката од каналот Студенчишта до хотелот Парк. Предвидуваме комплетна реконструкција и целосно уредување на булeвар Туристичка, кое се однесува на коловозот, атмосферската канализација, водоводна мрежа, како и изградба на пешачка патека, велосипедска патека и хортикултурно уредување, вели Груевски.

Ветуваме, рече тој, целосна реконструкција на улицата Абас Емин како една од главните сообраќајници во градот. Ќе биде поставена нова фекална и атмосферска канализација, како и нова водоводна линија, тротоари и ново улично осветлување.

-Ветуваме реконструкција и асфалтирање на улиците 7- ми Ноември, Јане Сандански, 1-ва Македонска ударна бригада, АСНОМ, Егејска, Св.Кирил и Методиј, Партизанска, Јордан Мијалков, Александар Турунџе, Прилепска, Анастасија Узунова, Дејан Војвода, Стив Наумов, Дебарца, Даме Груев, Охридска Бригада. Асфалтирање на улиците во Долно Коњско, Лагадин, Свети Стефан, Шипокно, Велестово, Рамне, Подмоље, Орман, Љубаништа, Трпејца, Пештани, Горно и Долно Лакочереј, Велгошти, Лескоец, Косел, Вапила, Ливоишта, Завој, Свињишта, Опеница, Рача и Плаќе, нагласи Груевски.

Тој истакна дека планирана е изградба на велосипедска патека од Охрид до Свети Стефан, но и спортски и детски игралишта во село Елшани, Долно Коњско, Пештани. Во населбата Железничка предвидена е изградба на повеќенаменско спортско игралиште и балон сала со вештачка трева која ќе се користи за мал фудбал.

-Ветуваме реконструкција на постојната трибина на стадионот Билјанини Извори, како и реконструкција на соблекувалните и сите помошни простории. Ќе направиме изградба и доизградба на водоводните системи на улиците Јане Сандански, Вардар, Васил Стефоски, Христо Узунов. Активности од ваков тип ќе бидат направени и во Рача, Горно Лакочереј, Пештани, Лагадин и Куратица. Ќе извршиме реконструкција и проширување на капацитетите на градинките Росица, Развигорче и Лихнида. Ќе ги реконструираме основните училишта Свети Климент Охридски, Братство и Единство, а ќе се реконструираат и училиштата во Долно Коњско и Елшани. Во новиот дел на охридската гимназија ќе се направи реконструкција на поткровјето и истата ќе се опреми со мебел. Општина Охрид ќе изврши набавка на нови противпожарни возила и нова опрема за потребите на противпожарната станица во градот Охрид. Се планира Општина Охрид да стане прва општина, која од сопствен буџет ќе изгради социјални станови и истите ќе ги понуди на ранливи категории на граѓани, потенцираше Груевски.

 

 

 

25.09.2017 - 20:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега