Груевски: Бројот на работни места во Струга го зголемивме од 7.500 на 11.500

 

На центаралниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Струга пред граѓаните се обрати и претседателот на партијата, Никола Груевски. Тој кажа дека верува дека граѓаните нема да ја пропуштат шансата да го изберат Сеад Солаковски за нов градоначалник на општината.

-Се работи за чесен човек, угледен во средината во која живее, угледен лекар, човек што помага на сите, човек што нема ниту една темна дамка во неговиот живот, човек што е со широки сфаќања и разбирања, што сака секому да помогне и човек што има визија и знае што и е потребно на Струга. Ние работевме на подготовка на програма за Струга уште пред неговиот избор, консултирајќи многу експерти, многу луѓе, но кога се заврши неговиот избор седна и тој, со луѓе кои тој ги вклучи и се направи конечната верзија на програмата наречена „Нова ера“ за Струга, изјави Груевски.

 

Тој напомена дека ВМРО-ДПМНЕ како владеачка гарнитура во минатите години, правела се што е во нејзина моќ да и помогне на Струга.

-Не беше секогаш лесно, бидејќи тука имавме и градоначалници  кои што ги кочеа тие процеси и вие тоа добро го знаете. Она што е многу значајно за Струга, значајна придобивка за граѓаните на Струга е секако отворањето на странските директни инвестиции на Костал и на ОДВ Електрик, кои што веќе вработија едната 140, другата 200, двете планираат најмалку по 1.000 вработувања директни, плус индиректни, можно е да има и проширувања како што повеќето од странските компании направија, изјави Груевски.

Тој кажа дека во Општина Струга во 206 година бројот на вработени лица бил 7.540.

-На крајот на минатата година бројот на вработени лица изнесува 11.500, значи од 7.500 бројот на вработени лица се зголемил на 11.500. Тоа исто така не е паднато од небо и не е дојдено случајно. Зголемувањето на бројот на вработени лица е за 52 проценти, за време на владеењето на СДСМ имаше само надолен тренд, односно растеше невработеноста, изјави Груевски.

Тој кажа дека тие како држава во изминатиот период реализирале значајни инвестиции во патната инфраструктура во Струга. Напомена дека реконструиран бил локалниот пат Струга-Дебар, во две фази во должина од 51 километар и вкупна вредност од околу 10 милиони евра. Тој го спомена и патот Радожда-Калишта-Струга.

-Ја завршиме првата фаза од регионалниот пат Боровец-Јабланица во должина од 1.300 метри, во вредност од околу 6 милиони денари, како и регионалниот пат кој минува низ село Дрслајца во должина од околу 1 километар, со вредност од околу 10 милиони денари, изјави Груевски.

Тој кажа дека во Струга во се направиле локални патишта во должина од околу 40 километри во вредност од 130 милиони денари. Кажа и дека била направена канализација во селото Мороишта, со што дошло до заштита на подземните води и водите на Охридското езеро. Груевски ги спомена и големите инвестиции во образованието, каде беа реновирани училишта, направени нови спортски сали, направени повеќенаменски терени.

-Направена е целосна реконструкција на Спомен домот на Браќата Миладиновци во Струга, објект препознатлив по автентичната староградска архитектура, кој конечно го доби својот препознатлив лик. Ја обновивме внатрешноста со максимално запазување на сите внатрешни архитектонски карактеристики на објектот, изјави Груевски.

Тој се осврна и на новата програма на ВМРО-ДПМНЕ и Сеад Соалакоски.

-Ветуваме дислокација на дивата депонија во Општина Струга, ова е најголем проблем во моментов за стружани и сите што живеат во околината и мора да се најде најдобро решение за овој проблем. Видовме што направи актуелната власт и градоначалникот за да го решат проблемот со депонијата, имено ништо не направија, изјави Груевски.

Тој најави реконструкција на локалните патишта низ цела Општина Струга во должина од 20 километри.

-Исто така, ветуваме изградба на водоводни мрежи и реконструкција на моменталните во Ташмаруништа, Октиси, Ложани, Пискупштина, Мороишта, Мислешевски пат, Мислешево, изјави Груевски.

Тој најави реконструкција на училишта, вети и најави за изградба нова спортска сала, нови терени, реконструкција на затворениот пливачки базен.

Тој порача на 15-ти октомври народот да гласа за луѓе кои работеле и ќе продолжат да работат за заедничко подобро утре.

 

 

 

 

28.09.2017 - 22:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега