Илиоски: Во изборната програма за Битола немаме ветувања туку имаме проекти, реални планови со конкретен буџет и рокови
Довербата на гласачите се стекнува со два принципи: Не го ветувај она што не можеш да го исполниш и исполни го она што ќе го ветиш. Затоа, во изборната програма за Битола немаме ветувања туку имаме проекти, реални планови со конкретен буџет и рокови, вели кандидатот за градоначалник на Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски.
-Во нашиот фокус се првенствено младите луѓе кои ќе ги задржиме во Битола со обезбедување работа, пристоен дом и квалитетни услови за живот. До сега се покажа дека невработеноста се намалува преку директни домашни и странски инвестиции. Затоа инвестициите во индустриската зона „Жабени“ ќе бидат главниот мотор за локалниот економски развој на Битола. Ќе продолжиме да ја подобруваме атрактивноста на Индустриската зона со изградба на нова улична мрежа вредна 12 и пол милиони денари. Поранешната битолска Касарна во следните четири години ќе доживее градежна експанзија. Ќе продолжиме да создаваме услови за нови колективни и индивидуални градежни инвестиции кои ќе значат раздвижување на економијата во Битола. Ќе изградиме и асфалтираме уште три нови улици, ќе биде изградена атмосферска канализација за 13 улици, а блоковите АРМ 1 и АРМ 2 ќе добијат нова нисконапонска кабловска мрежа и улично осветлување, истакна Илиоски.
Тој додава дека во неговиот мандат предвидува и донесување на Генерален урбанистички план, како основен документ во натамошниот урбанистички развој на Битола.
-За да не ни се иселуваат младите, освен работа треба да им обезбедиме и услови да се стекнат со свој дом. Во идниот мандат наместо нови населби за мигранти, ќе создадеме услови за нови евтини куќи за нашите деца. Целосно бесплатно и без никакви давачки на младите ќе им отстапиме парцели од по 200 метри квадратни во населбата Златен рид, на кои ќе изградат евтини куќи за не повеќе од 35 илјади евра. Ќе направиме и целосна промена на сообраќајниот режим и ќе воведеме еднонасочни улици во центарот на Битола. Ќе изградиме три нови кружни текови и три нови велосипедски патеки. Ќе уредиме целосно нов парк во нова Битола и ќе насадиме 10.000 нови садници дрвја и блоковско градско зеленило. Општината ќе субвенционира и 50% од вредноста на секој купен велосипед од граѓаните, во износ до 4.000 денари. Нема откажување и од проектите Гасификација и Топлификација. Во 2019 откако ќе биде зваршен гасоводниот крак Неготино – Битола ќе почнеме со изградба на градска дистрибутивна мрежа. Истата година Битола треба да ги добие и првите корисници на топлинска енергија од РЕК, во рамките на проектот Топлификација кој веќе се реализира со кредит од германската развојна КаЕфВе Банка, истакна Илиоски.
Тој рече и дека ќе започне со изградба и на Пречистителна станица и Колекторски систем како и нов Откупен центар за земјоделски производи – Сточен и кванташки пазар надвор од градот.
-Со еден милион евра ќе ја реконструираме зградата на Офицерски дом, а ќе се модернизира и реновира зградата и опремата на Територијалната противпожарна единица. Ќе формираме нова Патронажна служба, за нега и помош на стари лица и лица со посебни потреби во домашни услови, со што значително ќе се намали побарувачката за сместување во старските домови. Градоначалничката функција бара стабилност, знаење, искуство и работа – и тоа го бара веднаш. И на Битолчани, дури и на оние од СДС, им е повеќе од јасно кај кого можат да бараат ваквиот капацитет. Идниот градоначалник на Битола треба да биде успешен, докажан, одговорен, умерен, почитуван и домаќин човек кој добро ги познава работите во локалната самоуправа. Тоа и ќе се потврди со победа на 15-ти октомври, рече Ислиоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа