Ѓоргиев: Нема повеќе бесплатни компјутери, скратени се пари за образование - младите немаат иднина со Заев
Деструктивната политика на неспособната власт на СДС и нивните лаги почнаа да ги чувствуваат и младите. За СДС се’ е лесно кога треба да се вети. Се’ е полесно кога треба да се укине, но затоа никаде ги нема кога нешто треба да се реализира. Најтешко им оди од рака да ги исполнат ветувањата кои ги ветуваа пред само една година кога ги лажеа младите за да им ја дадат довербата, обвини Филип Ѓоргиев од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека секој добар проект, секоја мерка која била воведена од ВМРО-ДПМНЕ за да им го олесни животот на младите, СДС ја укинува. И ова не се само празни зборови. Ова е вистината на која за жал сме сведоци сите млади лица изминативе 4 месеци.
-Студентите нема повеќе да добиваат бесплатни компјутери, Заев одби да даде вредносни ваучери за нив. СДС скрати 1,5 милијарди денари во образованието, од кои 155 милиони денари беа наменети за студентските домови. За да иронијата биде поголема, во студентските домови СДС го укина појадокот на студентите. Веќе една недела, студентите во студентските домови се мачат без вода за пиење и основни хигиенски потреби! Лажеа дека ќе изградат студентски град во Скопје во којшто ќе има спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино сали, фитнес центри. Лажеа и за студентските кампуси во Битола, Штип и Тетово, изјави Ѓоргиев.
Тој кажа дека СДС лажеа и за вработување на младите, пракса и тренинзи за квалитетни работни места. Лажеа и за субвенциониран јавен превоз на невработени млади лица до 29 години, поддршка на младите фармери, грантови од 10.000 евра за најдобри бизнис планови. Во реалноста гледаме друга многу грда слика. Странски инвеститори ја напуштаат Македонија последниве 4 месеци и се губат работни места.
-Заев ја свитка кичмата под притисок на Бугарија и Грција, под нивно водство ќе се менува историјата на Македонија во учебниците. Каква ли иднина тоа ќе донесе? Заев ни го брише минатото, она најсвето што се обидуваме да го зачуваме со векови. Младите луѓе мора да имаат иднина! Но, не иднина со Заев и СДС. Ова не е светла иднина за Македонија. Младите луѓе се свесни дека нивната интелигенција е потценета и на 15-ти октомври ќе ја покажат својата решителност дека сакаат да растат заедно со Македонија, а не да дозволат СДС да ги влече кон дното, изјави Ѓоргиев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа