Груевски: Народот ќе гласа нови предвремени парламентарни избори за да почне новата ера

 

 

Нападите кои СДСМ континуирано ги прави кон ВМРО-ДПМНЕ, според партискиот лидер Никола Груевски, само покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинската гаранција за демократијата. Тој порачува дека луѓето кои живеат во оваа земја не се обврзани да го толерираат ова помрачување кое го донесе владеењето на СДСМ и нема да го толерираат.

-Нема да дозволиме да ја помрачат светлата иднина на нашата нација и на оваа држава. Покрај помрачувањето, покрај сите пречки, ние ќе продолжиме да работиме за создавање на светла иднина за Република Македонија. Ние како целина, граѓаните на оваа држава, ќе работиме заедно во креирање на нова ера и на овие напади и пречки ќе им дојде крајот, нашата цел е побогата и посреќна Македонија. Тие не напаѓаат нас, но ние работиме и ќе работиме посилно  за креирање на светла иднина на нашите деца.  Ние имаме материјални и видливи докази, ние знаеме и затоа кажуваме дека новата ера почнува. Тие не сакаат тоа да се случи. Нивниот интерес не е силна Македонија, порача Груевски на митингот во Ѓорче Петров.

Груевски потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ ги исполнува сите ветувања кон граѓаните и дека тоа народот добро го знае, а најави и дека ќе продолжат во таа насока.

Пред ѓорчепетровци Груевски вети дека во следната декада невработеноста ќе се намали на под 10 % и дека ќе бидат отворени минимум 150000 нови работни места. Најави дека економијата ќе расте, ќе расте стандардот на граѓаните.

-Новата ера предвидува најниски даноци во светот како што има сега. СДСМ најави дека ќе ги зголеми даноците и веројатно ќе ги зголемат, но нема долго да трае. Македонија повторно ќе биде држава со најниски даноци на светот во наредната декада, со новата ера. Предвидува големи вложувања од страна на државата во поддршка на сите кои што можат да направат иновации и технолошки развој. Македонија мора да стане држава и економија  базирана на иновации. Државата во новата ера ќе даде уште поголема поддршка за охрабрување на иноваторството и на претприемачкиот дух. Новата ера ќе донесе и најмалку 6% од БДП инвестиции во финансирање на образованието. Тука влегува и зголемување на платите на учителите, наставниците и професорите, но и подобрување на квалитетот и степенот на знаење на учениците со крајна цел  Македонија да биде во правата половина на листата на Пиза и најмалку еден универзитет да се најде меѓу првите 200 во светот, рече Груевски.

Најави многу вложувања во екологијата, инвестиции во енергетиката и станување на земја нето извозник, паркови и игралишта, сите улици да бидат асфалтирани и осветлени.

-Народот ќе гласа против СДСМ и помрачувањето. Тоа ќе биде почеток на завршување на помрачувањето и ќе биде почеток на одбројувањето на времето за предвремени парламентарни избори во Република Македонија со кои што ќе започне новата ера, новото утро за Македонија, рече Груевски.

 

 

 

 

 

03.10.2017 - 20:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега