Груевски: Граѓаните ќе се изјаснат и за насилието на СДСМ, помрачувањето, изборот на Џафери, филмските измами и лагите
Народот сака партија и политичари кои држат до дадениот збор. На нашите опоненти некој им кажал да одат со паролата „Зборот е збор“. Најверојатно нивните ПР куќи направиле истражување и дошле до заклучок дека една од најслабите точки им е тоа што народот е свесен дека не држат до дадениот збор. Народно кажано, дека лажат. Кога ќе дојдат избори ќе се изналажат колку што можат, а потоа ако нешто малку од тоа исполнат или ништо нема да исполнат. Им кажале тоа ви е слаба страна, народот го знае тоа, истражувавме, затоа одете со парола „Зборот е збор“. Ама народот е свесен, народот знае, народот памети. Памети кој во минатото тоа што го ветувал го реализирал. Ова го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на партискиот митинг во Кисела Вода.
-Во 2006-тата година, Кисела Вода имаше вработени вкупно 7420 луѓе. Денес во Кисела Вода има 15.200 вработени, тоа се 8000 нови работни места. Тоа е реализација. Нас не ни треба слоган „Зборот е збор“, затоа што делата говорат за нас, реализираното говори за нас. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, тоа е оваа Коалиција и само така може да оди напред. На овие избори нема да се гласа само за градоначалници и советници иако тоа е примарната работа. Народот има уште најмалку две причини да излезе и да гласа. Паралелно давајќи го гласот за градоначалник и советници да се изјасни и за две други работи. Првата е за помрачувањето што ни се случува во овие четири ипол месеци, за сето она што ја снајде Македонија и граѓаните откако на еден неуставен начин се избра претседател на Парламентот. Сега, на 15-ти октомври народот ќе каже што мисли за ова. Масовно, непоколебливо и сега. На 15-ти октомври моќта е во рацете на народот, секој да си каже што мисли за помрачувањето, за назначување на претседател на Собрание на насилнички начин. На 15-ти народот ја има шансата да го каже своето мислење за целокупното незаконско работење на СДСМ, за незаконието при вработувањата, отпуштањата, разрешувањата, за незаконските тендери, порача Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека на изборите народот ќе се изјасни и за демонстрирањето на сила и насилие во Македонија.
-Демонстрацијата на сила е очигледна секој ден. Кривични пријави во првите 10 дена на над 10 кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е инструмент на политичка борба на СДСМ, покажува какво кршење на демокртатијата носат тие. Во Македонија прв пат имаме убиство на кандидат во кампања. Еден од кандидатите во Кичево, денеска подлегна повредите од испуканите куѕршуми, почина. Прв пат имаме скршен череп на кандидат за градоначалник и актуелен градоначалник. Имаме однесување кон кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ со вперување на пиштоли во глава, имаме насилничко однесување од МВР кое се превори во партиска испостава. Имаме целосно кршење на демократијата. И уште ни говорат дека изборите ќе биле фер и демократски. Изборите веќе се гледа дека не се ниту фер, ниту демократски. Се кршат изборните правила со демонстрација на сила и насилство. Но, народот има шанса да го каже своето мислење за ВМРО-ДПМНЕ, против СДСМ, порача Груевски во Кисела Вода.
Тој посочи дека граѓаните ќе се изјаснат и за секојдневните измами од страна на СДСМ, како филмската измама со САНОС, лажењето за состанок со Трамп, лагите за договорите со соседните земји и редица други. Груевски вели дека СДСМ не го почитува народот затоа што тој не ги донесе на власт.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа