Јаневски: Општина Струмица ќе добие кино сала
Ќе ја имплементираме донесената Стратегијата за култура за периодот 2017 – 2022 година и акцискиот план за неа. Тие се плод на мобилизацијата на сите засегнати страни во општината кои работат во или се поврзани со културата, најави на денешната прес-конференција, кандидатот за градоначалник на Струмица од СДСМ, Коста Јаневски.
- Ќе отвориме специјализирано Одделение за култура, во рамките на општината, кое ќе работи за остварување на нашата визија. Со самото формирање на ова одделение ќе ни се отворат многу можности и простор за работа. Ќе формираме локален совет за култура, кој ќе биде советодавно тело и кое ќе работи во соработка со Одделението за култура, а ќе биде составено од членови од општинската администрација, бизнис секторот, здруженија на граѓани од областа на културата и културните институции, посочи Јаневски.
Тој порача дека општина Струмица ќе обезбеди кино сала, која, како што рече, се појави како неминовна потреба за збогатување на културниот и социјалниот живот на младите.
- Ќе реновираме објекти од областа на културата во руралните средини и ќе ја збогатиме програмата на културни настани. Ќе го поттикнеме населението да учествува во креирањето на културната програма, во духот на парципативното креирање и планирање на локални програми и политики од интерес на граѓаните. Ќе ги одржуваме културно – историските споменици и ќе ги негуваме традициите и обичаите карактеристични за нашето поднебје, рече Јаневски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа