Димитриевски и Ѓорѓиевски потпишаа документ за приоритети на младите

 

 Двајца од вкупно пет кандидати за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски од СДСМ и Зоран Ѓорѓиевски, од ВМРО ДПМНЕ, денеска го потпишаа документот за заложби во кој се содржани три приоритети на младите кумановци.

Со овој документ, појасни Мартин Алексовски од Националниот младински совет на Македонија, кандидатите за градоначалник се обврзуваат дека кој и да ја добие довербата ќе работи на остварување на различни потреби на младите, како што се инвестиции во спортската, образовната, културната инфраструктура со инвестирање во образовни установи, библиотеки, поддршка на млади при започнување бизниси, промоција на младински и граѓански културно-забавни, спортско рекреативни иницијативи.

По потпишувањето, кандидатот за градоначалник од СДСМ, Димитриевски изјави дека младите се приоритет во државата и во општеството и оти како кандидат за градоначалник има обврска да гради, како што рече, општество на млади, но, не декларативно, туку суштински.

- Младите луѓе во Куманово имаат сопствени барања и сакаат да бидат слушнати. Имам намера да ја отворам општината и администрацијата за сите нив, со единствена цел да допре гласот на младите до институциите на системот на локално ниво. Покрај тешката социо- економска состојба и проблемите со изнаоѓање на вработување на младите сепак, првенство она што најмногу им недостасува е нивото на носење на одлуки, младите сакаат да бидат инволвирани и да донесуваат одлуки самите за себе, рече Димитриевски.

Тој смета дека со реализација на програмата и проектите кои се насочени кон младите, изградба на младински центар и изградба на соодветна инфраструктура и од културно- забавната дејност и спортот, смета дека ќе се отворат можности за младите да се дружат и да допринесат за развој на општината.

Кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Зоран Ѓорѓиевски изјави дека самата иницијатива која младите ја покренаа, покажува дека нивното место во понатамошното раководење со општината ќе биде приоритетно.

- Сметам дека доколку младите благовремено, бидат поставени на клучни позиции каде со својата стручност, ентузијазам и волја можат да ги сменат работите, да донесат новини, контролирани од искуството и мудроста на нас постарите, сметам дека тоа е гаранција за едно поубаво Куманово, за подобро утре, за сите оние други млади што нив треба да ги наследат да постои континуитет во живеењето и работењето на сите административни органи во општина Куманово, изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека во постизборниот период ќе се насочи кон фаворизирање и промовирање на младите во сите сфери од општеството, за да им се даде можност да се покажат со своите способности пред сограѓаните и пошироко. 

 

 

 

06.10.2017 - 18:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега