Груевски: Ние ќе испорачаме одлични резултати во економскиот развој на Крушево, очекувајте нови инвестиции
Политиката на ВМРО произлегува од проекти и решенија. Решенијата и проектите ја формираат нашата политика. Ние зборуваме за тоа што ќе постигнеме. Ние зборуваме за тоа што ќе создадеме. Ние имаме проекти за Македонија. Ние имаме визија за Македонија. Ние имаме решенија за Македонија. Ние ја нудиме новата ера. Новата ера во која нема да има неасфалтирана и неосветлена улица, новата ера каде имаме парк во секое маало, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг во Крушево.
-Новата ера на 150 илјади нови работни места, односно пад на невработеноста под 10%. Кога можевме да ја намалиме од 38 на 22.6 осто, можеме да ја спутиме и под 10 осто. Нова ера на двојно намалена невработеност кај младите и поголеми можности за стекнување со сопствен дом. Нова ера на 2.5 пати повисок приход по жител – односно од 5 на 12 илјади долари. Тоа значи 2.5 пати побогати граѓани, тоа значи и 2.5 пати повеќе пари во државата за капитални проекти, нови патишта, нови водоводи, болници, канализации, нови училишта, улици, паркови. Нова ера за најниски даноци. За поголеми плати, пензии и субвенции. Нова ера на големи вложувања во екологијата. Во тоа се разликуваме. Тоа е она што нашиот народ го бара од нас. Нашиот народ сака проблемите да му бидат решени. Тој сака неговите градови да се развиваат. Нашиот народ сака помала невработеност, повисоки плати, поквалитетно образование, подобри болници, рече тој.
Груевски потсети на досега спроведеното и какви резултати донесоа мерките реализирани од ВМРО-ДПМНЕ.
-Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ креираше приближно околу 600 нови работни места за граѓаните од општина Крушево. Во 2006-та година во Крушево имаше вработени 1.024 лица, а денес во Крушево има 1.624 вработени лица. Во индустриската зона „Опаленик“ ќе отпочне со градба новата компанија за откуп на тутун „Секе СА“, инвестиција вредна 4 милиони евра. Оваа компанија во финалната фаза планира да вработи околу 200 лица, а моментално работи во изнајмени простории на поранешниот тутунски комбинат „Нико Доага“. Втора компанија е за производство на масло од канабис која ќе започне со 50, а ќе достигне до 350 вработени. Трета компанија која веќе работи е Фалко за производство на текстил која има70 вработени и ќе оди до 150 вработени. Инвестиравме значајни суми на пари за развој и изградба на локалната инфраструктура, патишта, улици, тротоари, фекална и атмосферска канализација, пречистителна станица, водоводни мрежи, електрични инсталации, партерни уредувања, пристапни и пешачки патеки. Се изградија и реконструираа патиштата од Стопанство до Крушево, од Крушево преку Сладуево до Демир Хисар, од Свето Митрани до Бучин, патот до Врбоец, патот до манастирот „Свето Преображение“и патот до Вршник. Дополнително ја осветливме и клучката Крушево – Прилеп. Се реконструираше главната улица во Крушево и улици во Бучин, Врбоец, Свето Митрани и Пуста Река, рече Груевски.
Со средства од 20 милиони денари за граѓаните на Крушево беше изграден градски пазар, како и нов градски плоштад “Никола Мартиноски”. Беше извршена и комплетна реконструкција на градскиот парк.
-Изграден е водоводот за околу 2.000 жители во Бучин, Пресил, Свето Митрани и Врбоец и реконструиравме 1,1 километар од секундарната водоводна мрежа во Крушево и изградивме цевковод со должина од 9 километри. Во ски-центарот Крушево набавивме и инсталиравме опрема за производство на вештачки снег и реквизити за сноуборд-паркот, набавивме возило за подготовка на ски-патеки и ски-санка за потребите на спасителната служба. Во овој проект се инвестирани 1,5 милиони евра. Го изградивме музејот „Спомен-куќа на Тодор Проески“ во Крушево, кој досега го посетиле над 250.000 луѓе. Го реконструиравме Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република. Направивме конзервација и реставрација на Културниот Дом во Крушево во вредност од 15 милиони денари, како и целосна обнова и конзервација на фасади на објекти од старата градска архитектура. За љубителите на спорт и општо за сите жители на општина Крушево го формиравме спортскиот центар „Гумење“ и изградивме повеќенаменско спортско игралиште, дупли тениски терен и фитнес зона на отворено. Се изгради спортска сала во Бучин, спортски терени во Пресил и Норово и се уреди полетувалиштето за параглајдери. Нашата заложба е Крушево успешно да го промовираме како топ дестинација за алтернативен, авантуристички и спортски туризам. За правилен и квалитетен развој на најмладите инвестиравме во монтажно основно училиште „Кирил и Методиј“ во Свето Митрани, извршивме реконструкција и санација на средното училиште “Наум Наумовски Борче”, основното училиште “Никола Карев” и подрачните училишта во Норово и основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Бучин и подрачното во Пресил, истакна Груевски.
Новата ера за Крушево носи многу нови проекти од програмата. Груевски пред крушевчани наброја дел од планираните проекти.
-Ќе ја изградиме инфраструктурата во индустриската зона за да донесеме и други инвеститори во општина Крушево. Ќе го зголемиме бројот на туристи и ќе донесеме повеќе приходи за сите присутни тука и за сите жители на општината преку забрзан локален економски и туристички развој. Ќе изградиме атмосферска и фекална канализација во Норово, Свето Митрани и Бучин, ќе изградиме приклучок за Саждево до регионалниот водовод „Студенчица“ и ќе изградиме резервоари за вода во Борино и Белушино. Ќе ги изградиме и реконструираме патните правци: од Кривогаштани до Крушево, од Стопанство преку Алданци до Норово, од Борино до Житоше и ќе асфалтираме улици низ населените места на оштина Крушево.Ќе ја реновираме училишната зграда во Саждево за наставниците и учениците да имаат подобри услови за работа. Ќе изградиме игралишта во Свето Митрани, Алданци и Саждево. Ќе донесеме гасификација за општина Крушево и за индустриската зона и ќе ги намалиме трошоците за струја и греење. Ние си ја знаеме работата кога е во прашање градење на инфраструктура и носење на компании од сите краеви на светот. Ние ќе испорачаме одлични резултати во економскиот развој на Крушево. Очекувајте од нас повеќе странски и домашни инвестиции во индустриската зона и во општина Крушево, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа