Заев: Инфраструктурното поврзување приоритет за Пласница и Македонски Брод

 

Инфраструктурно поврзување за Пласница и Македонски Брод, економски развој и чиста животна средина за квалитетен живот на граѓаните, најави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев од вечерашните митинзи во двете општини и побара поддршка за кандидатите за градоначалници Живко Силјаноски и Шпресим Ајроски.

- Oвој наш прекрасен регион може поинаку, може подобро да донесе живот за сите. Дојдов прво да го дадам зборот дека ќе ја имате целата моја поддршка, поддршка на Владата и мнозинството во Парламентот за сите проекти што се однесуваат на квалитетна инфраструктура, поврзување со Македонски Брод и квалитетен живот за сите граѓани на Македонски Брод, рече Заев.

За да има инвестиции и развој, Македонски Брод, додаде Заев, мора да се отвори кон главниот град.

- Сите општини се со еднаква важност и парите рамномерно ќе се распределуваат насекаде во државата. Македонски Брод не може и не смее да си дозволи да им го продолжи рокот на траење и на оние кои ја водат општината, а што ја водеа државата. Вие рековте не на централната власт, сега е време да ја промениме локалната власт, нагласи Заев.

Заев од Пласница упати порака дека само со сплотени граѓани Македонија може да оди напред и да се врати животот во секоја општина, за сите.

Тој побара поддршка за концептот едно општество за сите и нагласи дека заврши времето на поделбите, граѓаните се сплотуваат за живот во Македонија.

- Со новата локална власт ќе го решиме прашањето за чиста и здрава вода за пиење во Општина Пласница. Ќе ги обновиме регионалните патишта. Патот што се пробива кон Крушево сега се прави од ваши пари. Не го прави општината. Ветувам дека ќе обезбедиме асфалт за потребните девет километри и ќе ја отвориме Пласница да живее и да биде поврзана општина. Целосно ќе ја подобриме мрежата за меѓуселски и селски патишта, ќе има полесна пристапност и подобрување на сообраќајот внатре во Пласница и оттаму меѓу другите населени места. Активно ќе ја поддржуваме општината да се стават во сила плановите за локален економски развој. Конечна цел мора да ни биде да отвораме фабрики овде, да има производствени погони за да се вработуваат младите, рече Заев. 

 

 

 

06.10.2017 - 21:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега