Заев: Убедени сме во промената која ќе се случи во Штип
Пред почетокот на отворениот форум со граѓаните на Штип, претседателот на СДСМ, Зоран Заев и кандидатот за градоначалник на Штип, Благој Бочварски дадоа кратки изјави за медиумите во кои потенцираа дека ваквиот тип на комуникација со граѓаните ќе биде редовна пракса на општина Штип по победата на изборите.
„Денеска сме во нашиот источен дел на Македонија, во Штип по повод отворање на форуми со граѓаните, што ќе биде редовна пракса на идниот градоначалник Благој Бочварски овде во Штип. Ние сме убедени во пресвртот што ќе се случи во Штип, но сакаме да ги отвориме моментите кои се многу важни за граѓаните за периодот кој претстои пред нас. Како искусен градоначалник кој практикувал 12 години локална власт, знам колку е важна дебатата со граѓаните. Овде сме денеска овие принципи на работење на идната локална самоуправа да ги втемелиме и испратиме како идни активности на локалната самоуправа“ изјави претседателот Заев.
Тој рече дека по пат на дебата со граѓаните ќе се дискутира за сите проблеми на граѓаните, ќе се дадат правците на нивното решавање и ќе се продискутираат приоритетите за Штип.
„Денеска сакам да испратам порака преку вас медиумите дека неколку работи се важни за Штип на кои веќе се посветивме. Покрај минималната плата којашто ја отвори спиралата на покачувањето на платите и која буквално од овде од Штип ја промовираме, сакам да ја искористам можноста да ги повикам штипјани, пред се граѓаните со ниски примања, на конкурсот којшто трае до 31 октомври, за аплицирање за користење на годишен одмор од вкупно 7 дена, за работници со ниски примања. Таа можност државата ја отвори, во Буџетот се предвидени пари. Заслужуваат граѓаните со најниски примања заедно со своите семејства да поминат неколку дена и да одморат. Тие дале многу за нашата Македонија. Најдовме еден начин како да го поддржиме туризмот и да им помогнеме на работниците.“
Како важна порака за граѓаните на Штип, претседателот ја подвлече поддршката што владата ќе ја даде за унапредување на образовниот процес, на студентскиот стандард и целокупниот академски живот на студентите што студираат во Штип.
„Штип ги опфаќа студентите од цела југоисточна и североисточна Македонија. Знаеме сите дека мораме континуирано да го унапредуваме квалитетот на образование. Преку мерките од младинската гаранција, младите луѓе веќе можат да продолжат на магистратури и докторати. Верувам дека штипскиот универзитет Гоце Делчев ќе блеска во полн сјај онака како што сакаме сите тоа да го видиме.“ порача Заев.
Кандидатот за градоначалник на Штип, Благој Бочварски во својата изјава за медиуми најави ново време во кое сите заедно, и политички партии, и граѓански зруженија и невладини организации заедно ќе работат на подобрување на животот на граѓаните.
„Јас како иден градоначалник на општина Штип немам намера да носам сам одлуки и затоа овие дебати се одлични да покажеме како ќе носиме одлуки во идниот период. Јас веќе оставрив средби и со невладини организации и со граѓански здруженија, но ги повикав сите граѓани, членови на политички партии, но и луѓе кои не се членови на политички партии да ја дадат својата поддршка да го направиме Штип најубавиот град во Република Македонија“ изјави кандидатот за градоначалник на општина Штип, Благој Бочварски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа