Груевски: Новата Влада не може да ги води и управува нашите градови и таа е неспособна да ги решава проблемите на граѓаните
На овие избори ќе гласате за тоа дали извозот ќе продолжи да паѓа, или економијата да оди напред како што беше во наше време, за тоа дали капиталните инвестиции кои ги преполовија од 25 милиони евра месечно на 14 милиони евра месечно ќе продолжат да паѓаат и со тоа да ја тонат целата економија или ќе се вратат назад и ќе почнат да се зголемуваат, вели Никола Груевски лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Кратово.
-Дали сте за повисоки даноци кои ги најавуваат, или за најниски кои ние ги овозможуваме. Дали сте за филмски измами или инвестиции како што е „Санос“, афери, тендери и пари само за луѓето од власта или за реална поддршка на стопанството каква што ние овозможувавме? Пензионерите ќе испратат порака дали се за пензии кои се намалуваат или за редовно покачување кое ние го правевме додека бевме на власт. Земјоделците ќе пратат порака дали се за укинување на субвенции ако имаат помал принос или субвенции кои постојано растат, граѓаните дали веруваат во лажни ветувања за радиодифузната такса која е иста или евтина струја која реално ја нема. На 15 октомври ќе гласате за тоа дали сте за рекетот кои што го вратија по улиците, или криминалот кој е секаде по улиците и во секоја пора во општеството, народот ќе одлучи за штетниот договор со Бугарија и дали Илинденското востание е бугарско или македонско, дали Гоце Делчев е Македонец или Бугарин? Дали сте за договарање со Грција со комисиите за ревидирање на историјата, или не сте за тоа?, ваша е одлуката. А во секое поле гледаме дека тие се аматери, потенцира Груевски.
Тој прашува кога сакате да ви се поправи колата, ја носите кај помошникот или кај вистински мајстор? Кога сакате да ви се окречи куќата, викате приправник или вистински молер? Кога сакате да ја шишате косата, дали преферирате приправник или искусен фризер? Овие приправници се обидуваат да летаат авион, а ни велосипед незнаат да возат. И тоа не можат да го направат.
-Тие не можат да ги водат и управуваат нашите градови, тие се неспособни да ги решаваат проблемите на граѓаните. Тие не можат да ја водат Македонија во потребниот правец. Настрана водењето на државата, две овци да им даде човек ќе ги загубат. Тие никогаш не ги исполнуваат своите обврски. Но едно добро знаат да прават: да продаваат ветер и магла. ВМРО-ДПМНЕ е мајсторот, ВМРО има способност, вештини, проекти, визија и храброст. Кога нешто ќе ветиме, секогаш сме доследни на нашите зборови. кога ќе речеме дека нешто ќе направиме, ние секогаш исполнуваме. ние сме ВМРО. ние работиме, истакна Груевски.
Тој додава и дека политиката на ВМРО произлегува од проекти и решенија. Решенијата и проектите ја формираат нашата политика. Ние зборуваме за тоа што ќе постигнеме. Ние зборуваме за тоа што ќе создадеме. Ние имаме проекти за Македонија Ние имаме визија за Македонија. Ние имаме решенија за Македонија. Ние ја нудиме новата ера.
-Новата ера во која нема да има неасфалтирана и неосветлена улица, новата ера каде имаме парк во секое маало. Новата ера на 150 илјади нови работни места, односно пад на невработеноста под 10 проценти. Кога можевме да ја намалиме од 38 на 22.6 проценти, можеме да ја спутиме и под 10 процени. Нова ера на двојно намалена невработеност кај младите и поголеми можности за стекнување со сопствен дом. Нова ера на 2.5 пати повисок приход по жител – односно од 5 на 12 илјади долари. Тоа значи 2.5 пати побогати граѓани, но и 2.5 пати повеќе пари во државата за капитални проекти, нови патишта, нови водоводи, болници, канализации, нови училишта, улици, паркови. Нова ера на најниски даноци. Поголеми плати, пензии субвенции. Нова ера на големи вложувања во екологијата. Во тоа се разликуваме! Тоа е она што нашиот народ го бара од нас. Нашиот народ сака проблемите да му бидат решени. Тој сака неговите градови да се развиваат. Нашиот народ сака помала невработеност, повисоки плати, поквалитетно образование, подобри болници, истекна Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа