Видео:Трајановски ветува целосна реконструкција на вториот дел од градскиот парк
Реконструкцијата на постоечките и подигнувањето на нови зелени површини и паркови во Скопје е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за наредните 4 години, изјави кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски.
Тој најави дека ако ја добие довербата од граѓаните на изборите што ќе се одржат в недела, ќе се реконструира вториот дел од Градскиот парк.
„По скоро 50 години и првпат од неговата изградба предвидуваме целосна реконструкција на вториот дел од градскиот парк, кој е на површина од над 4 хектари и ја претставува најголемата парковска површина во Скопје. Со овој проект е предвидено поставување на ново зеленило, хидрантска мрежа и осветлување, како и садење на нови 5.000 дрвја во овој дел од паркот. Со овој мега проект ќе се изврши и обновување на постоечките мостови и патеки, ќе се исчистат езерцата и каналите, ќе се постави нова урбана опрема и реквизити за деца, како и нови јавни тоалети. Реализацијата на овој мега проект, поради неговата обемност и темелност, ќе се реализира во повеќе фази и ќе чини неколку милиони евра“, рече Трајановски.
Тој напомена дека изминативе 8 години во Скопје се подигнати над 350.000 метри квадратни нови паркови и зелени површини, а како најголеми ги издвои новиот парк во Аеродром долж бул. АСНОМ, новиот парк Македонија во Карпош и други. Во наредните 4 години, рече Трајановски, предвидени се подигнување на над 500.000 метри квадратни нови зеленило и паркови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа