Груевски: Решенијата и проектите ја формираат нашата политика, нивната политика е политика на празни зборови

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг кој Коалицијата „За подобра Македонија“ го одржува во Радовиш го поздрави ентузијазмот, одлучноста и решителноста на граѓаните и им порача дека остануваат само уште неколку дена, и мигот на одлучување дали ќе продолжи слободното паѓање во Македонија или тоа ќе биде сопрено и ќе почне новата ера.

-Вие добро знаете дека ова не се обични локални избори. Вашата одлука е исклучително важна – не е само, уште една обична одлука. Ние не гласаме само за наши градоначалници, за наши градови туку сите ние заедно ќе одлучиме каква ќе биде Македонија после 15-ти октомври. Во каква Македонија ќе живееме. Вашата одлука е конечна. Вие го имате последниот збор. Запомнете дека само граѓаните на Македонија, вие одлучувате за заедничката иднина, за иднината на нашите градови и за иднината на нашата држава. Ние ја добиваме нашата моќ и сила од Македонија и од народот на оваа земја. Нашата сила произлегува од нашата љубов кон нашиот народ и нашата љубов кон нашата земја. Ја сакаме нашата земја, со целиот наш народ, сите градови и села, сета радост, ентузијазам и возбуда, истакна Груевски.

Тој посочи дека тие не се едни од оние кои бараат гласови, ги добиваат и ги забораваат луѓето веќе наредниот ден.

-Ние сме партија на граѓаните на Македонија, на народот во Македонија и ние сме гаранција за силна и сигурна Македонија. Сите вие знаете каква промена, развој и раст доживеа Македонија во последните 10-тина години. Се сеќаваме сите каде бевме пред 11 години, и каде бевме кога им ја препуштивме власта пред 5 месеци. Зборуваат со клевети, лаги и празни зборови. Нивната политика е политика на празни зборови. Тоа е политика на клевети. Тоа е политика на навреди. Тоа е политика на креирање тензии меѓу луѓето и заплашување, на нови афери, корупциии, криминал. Тие знаат само да палат, укинуваат и уништуваат. Сите мора да го знаат следново, ние не се плашиме од никого, ние сме ВМРО. Ги посветивме нашите срца, мисли и животи за оваа кауза. И не се откажуваме од нашата земја. Се додека нашиот народ, нашите граѓани тоа го сакаат, ние ќе стоиме исправено и гордо. Никогаш нема за застанеме, да се предадеме. Никогаш нема да го заборавиме и да го смениме нашиот правец за развој на нашата земја. Ќе продолжиме да ги исполнуваме нашите ветувања, да работиме, да нудиме проекти и решенија. Тие не се способни да го прават тоа, тоа се покажа во минатото. Тие не се способни да даваат решенија и да создаваат проекти, потенцираше тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека граѓаните од СДСМ нема да слушнат решенија и идеи за подобар живот, туку флоскули, апстрактни поими.

Груевски рече дека на 15-ти октомври граѓаните ќе одлучат и ќе кажат дали се за пад на екномијата, раст на невработеноста и намалување на платите. Дали се за измами и измислени инвестиции, за низа афери и тендери.

Тој нагласи дека на 15-ти октомври и пензионерите и земјоделците ќе испратат порака дали сакаат повисоки пензии и субвенции или не. Порака ќе испратат и граѓаните дали веруваат во лажните ветувања за радиодифузна такса која е иста, или евтина струја која реално ја нема.

Груевски истакна дека СДСМ никогаш не ги исполнуваат своите обврски, но само едно добро знаат да прават: да продаваат ветер и магла.

-ВМРО е мајсторот. ВМРО има способност, вештини, проекти, визија  и храброст, ВМРО има резултати. Кога нешто ќе ветиме, секогаш сме доследни на нашите зборови. Кога ќе речеме дека нешто ќе направиме, ние секогаш  исполнуваме. Ние сме ВМРО. Ние работиме. Политиката на ВМРО произлегува од проекти и решенија. Решенијата и проектите ја формираат нашата политика. Ние зборуваме за тоа што ќе постигнеме. Ние зборуваме за тоа што ќе создадеме, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од Радовиш.

На митингот Груевски истакна дека со новата ера во Македонија се предвидени отворање на нови 150.00 работни места и намалување на невработеноста под 10 проценти, нова ера на најниски даноци и поголеми плати, пензии и субвенции.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им се обрати и на граѓаните кои на минатите избори гласале за СДСМ.

– Придружете ни се за да изградиме посилна Македонија. Сите ние заеднички сме Македонија. СДСМ нема да донесе добро за никого. Тие можат само да затвораат работни места, да ги намалат приходите, да им го земат лебот на луѓето. Да донесат несигурна иднина за нашите деца. Тие се реална пречка. Видовте и сами, нема ништо ново создадено. Пречка за подобро образование. Пречка за подобри услуги во здравството. Тие се пречка за повеќе работни места, економски раст и развој. Тие се само пречка, рече тој.

Груевски вели и дека власта е во паника бидејќи се свесни дека ВМРО и Коалицијата ќе победат на изборите и порача дека немаат намера да потклекнат под притисоците и заплашувањата и дека немаат намера да се обесхрабрат.

 

 

 

08.10.2017 - 21:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега